Телескопот „Џејмс Веб“ за првпат направи детални снимки од срцето на Млечниот Пат

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ погледна во срцето на Галаксијата Млечен Пат и откри нови сознанија и мистерии во овој хаотичен регион кој може да им помогне на астрономите да дознаат нови детали за раниот Универзум.

Можноста на Телескопот да го набљудува Универзумот во инфрацрвено светло, кое е невидливо за човековото око, улови никогаш досега видени детали на фотографијата која НАСА ја објави вчера.

Астрономите го искористија „Џејмс Веб“ да погледнат во Соѕвездието Стрелец Ц, активен регион каде се формираат ѕвезди лоциран околу 300 светлосни години од централната супермасивна Црна Дупка Стрелец А во срцето на Млечниот Пат.

„Фотографијата од „Веб“ е неверојатна, а научните сознанија кои ќе ги добиеме од неа ќе бидат уште подобри. Масивните ѕвезди се фабрики кои произведуваат тешки елементи во нивните нуклеарни јадра, па нивното подобро разбирање е како да ја учите приказната за потеклото на Универзумот“, објаснува Семјуел Кроув, главниот истражувач на овој експеримент и студент на Универзитетот во Вирџинија.

Проучувањето на центарот на Млечниот Пат со Телескопот „Џејмс Веб“ може да обезбеди сознанија за тоа колку ѕвезди се формираат во тој регион и дали е поверојатно масивните ѕвезди да се формираат во близина на галактичкиот центар наместо кај спиралните краци.

„Никогаш досега не сме имале инфрацрвени податоци за овој регион, со ова ниво на резолуција и чувствителност како што ги добиваме со „Џемјс Веб“, па така за првпат гледаме многу нешта. „Веб“ открива неверојатна количина на детали, што ни овозможува да го проучуваме формирањето на ѕвездите во вакво окружување што не било случај никогаш претходно“, додава Кроув.

На фотографијата може да се видат околу 500.000 ѕвезди, кои се разликуваат во големина и старост. Помеѓу нив има и кластер на протоѕвезди – густи маси на прашина и гас кои се` уште се развиваат и растат во комплетни ѕвезди – меѓу нив и масивна протоѕвезда во центарот на кластерот која има 30 пати поголема маса од Сонцето.

Протоѕвездите испуштаат светлечки материјал кој создава топки светлина, кои изгледаат драматично темни на инфрацрвена светлина.

„Галактичкиот центар е најекстремното место во нашата Галаксија Млечен Пат, каде сегашните теории за формирање на ѕвездите можат да се стават на најригорозни тестирања“, објаснува Џонатан Тан, професор по астрономија на Универзитетот во Виџинија и еден од советниците на Кроув.

Дополнително, камерите на „Веб“ забележале и јонизирани водородни емисии кои го окружуваат долниот крај на овој ѕвезден регион, кој е прикажан со синозелена боја на фотографијата.

Астрономите се` уште се обидуваат да утврдат што го создало тоа огромно количество на енергетски гас, кој ги надминува количествата кои вообичаено се испуштаат од млади масивни ѕвезди. Тимот истражувачи исто така е збунет од структури кои изгледаат како игли во јонизираниот водород кои се распоредени без никаков редослед.

„Галактичкиот центар е исполнето место. Има турбулентни, магнетизирани облаци од гас на ѕвездите во создавање, кои потоа влијаат на околниот гас преку нивните ветришта и радијација. „Веб“ ни обезбеди купишта податоци на оваа екстремна средина, кои само што започнуваме да ги анализираме детално“, вели Рубен Федриани од Институтот за астрофизика на Андалузија во Шпанија, кој е вклучен во проектот како коистражувач.