„Текстилната индустрија една од најпогодените индустрии за време на кризата со Ковид-19“ – дискусија на ЗМАИ

Кризата предизвикана од коронавирусот донесе голем број на загубени работни места, намалени плати и ризик по физичкото и психичкото здравје на работниците и работничките во текстилната индустрија. Од друга страна пак странската побарувачка за текстилни производи ја загрози ликвидноста на компаниите и допринесе за намалување на вкупниот нето извоз падна за 300% во 2020 во однос на 2019 година.

Ова се само дел од сознанијата изнесени на денешната панел-дискусија на тема „Индустрија во криза – Предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со Ковид- 19“, која беше организирана од Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

Програмската директорка за владеење на правото и добро управување, Данче Даниловска Бајдевска, посочи дека правата на текстилните работнички се во најголема мера прекршени и дека текстилниот сектор е всушност еден од најпогодените сектори од кризата со Ковид-19.

„Во овој контекст, идните јавни политики за подобрување на состојбата во текстилната индустрија мора да бидат насочени кон овозможување на долгорочна одржливост и стабилно враќање во насока на раст и развој на технологиите и економските услови за вработените и работодавачите”, потенцираше Даниловска Бајдевска.

Еден од главните истражувачи на проектот, Виктор Стојкоски истакна дека анализата на податоците од државните институции и локалните самоуправи покажуваат дека невработеноста во текстилната индустрија се зголемила за 128%, а учеството на лица со примања под минималецот се зголемува за 17,6% во април 2020 година.

Овие резултати, како што посочи се поразителни и укажуваат на тоа дека текстилната индустрија била нестабилна уште пред почетокот на пандемијата, но со нејзиното појавување, ваквите проблеми дошле до израз.

На панел-дискусијата се обрати и Кристина Ампева од организацијата „Гласен Текстилец“ која истакна дека корона кризата драстично ги уназадила работничките и човекови права. Истовремено, таа вели дека се покажало дека профитот е поважен од човечкиот живот, односно од егзистенцијата на обичниот работник и целото негово семејство.

„Се вратија девијантни појави кои успеавме да ги елиминираме во изминатите години, како усни откази, исплати на плати од 2 денари, враќање на дел од плата назад на работодавач, спогодбени раскинувања на договори кои работниците сведочат дека не ги потпишале“, рече Ампева.

„Тоа што нам најмногу нѐ загрижува храброста на одреден дел од работодавачите да ја злоупотребат државната помош која единствено беше наменета за задржување на работните места и исплата на минимална плата за вработените. Таа храброст може единствено да се препише на недоволната заштита од страна на институциите задолжени да внимаваат, превенираат и казнуваат несовесно работење од страна на работодавачите”, додаде таа.

Директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска пак, посочи дека е потребно доследно спроведување на законските мерки и обврски кои произлегуваат од законите и од Одлуката за превентивни мерки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од Ковид-19.

Во меѓувреме, таа додава дека на работниците им се препорачува придржување кон сите релевантни препораки и упатства од работодавачите, кои треба да овозможат безбедни и здрави услови за работа, како и охрабрување да се пријават прекршувањата на правото од работен однос или безбедност и здравје при работа.

„Во текстилниот сектор во текот на 2020 година извршени се 1/443 надзори, изречени се 173 инспекциски мерки и предлог за поведување на 1 кривична пријава. Во 2021 година исто така продолжуваат интензивните инспекциски надзори. Во периодот јануари-мај 2021 извршени се 700 надзори во текстилниот сектор, додека изречени се 202 инспекциски мерки”, посочи Тренчевска.

Настанот инаку беше организиран во рамки на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од Ковид-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”.