„Текстилијада 2025“ ќе ја разотрива корупцијата преку култура, јавна дебата и креативен отпор

Деветтото издание на фестивалот „Текстилијада“ ќе се одржи на 4 и 5 октомври во Штип. Се работи за фестивал кој со текот на годините прерасна во значајна платформа за култура, активизам и граѓански дијалог, со посебен фокус на работничките права и социјалната правда.

Организиран од „Гласен Текстилец“, овој настан има за цел да создаде простор за критичко размислување, инспирација и заедничко дејствување околу најважните предизвици со кои се соочува работниот човек.

„Оваа година, главната тема е борбата против корупцијата – проблем што го еродира секој напредок, ја поткопува правдата и ја задушува надежта за фер и достоинствен живот. Корупцијата не е апстрактен концепт – таа е реалност што работниците ја живеат секојдневно. Од селективно спроведување на законите, злоупотреба на службените позиции и клиентелистичко вработување, до игнорирање на извештаите за злоупотреба и неактивност од страна на надлежните институции, корупцијата создава систем каде што работникот е оставен без заштита, а правдата станува привилегија наместо право“, нагласуваат од „Гласен Текстилец“.

Во таков контекст, велат од таму, „Текстилијада 9“ не само што ја отвора темата, туку директно ја поврзува со секојдневната борба за фер услови за работа и живот.

„Нашата намера е, преку култура, јавна дебата и креативен отпор, да ја разоткриеме корупцијата и да ги охрабриме граѓаните – особено младите и работничките – да го прекинат молчењето и да станат двигатели на промените“, нагласуваат организаторите.

Настанот ќе вклучува низа културни и социјални активности кои се фокусираат на улогата на граѓанинот во спротивставувањето на неправдата. Меѓу активностите ќе биде и промоцијата на второто издание на стрипот „Гласна Синдикалка“, посветено на храбрите работнички и работници од приватниот сектор и синдикалното организирање.

„Штип, како град со длабоко вкоренета текстилна традиција, има посебна одговорност – не само да биде горд на своето наследство од работничката класа, туку и да стане симбол на отпорот кон неправдата. Затоа, оваа година испраќаме јасна порака: корупцијата не е мода и не смееме да дозволиме таа да се нормализира како дел од нашето секојдневие“, забележуваат од „Гласен Текстилец“.

Нивната визија е Штип да биде препознаен како центар на достоинствена борба, ангажирана култура и солидарност на работничката класа.

„Борбата против корупцијата е борба за иднината на овој град, за модернизација на текстилната индустрија и за зачувување на достоинството на секој работник. Затоа, ‘Текстилијада 9’ е повик до сите засегнати страни – институции, синдикати, организации на граѓанското општество, културни работници и самите граѓани – да се обединат во искрена посветеност на вистински промени. Без транспарентност, нема доверба. Без одговорност, нема правда. Без активен отпор, нема иднина“, нагласува организаторот.

Преку овој настан, сакаат да создадат енергија што ќе продолжи да живее и по завршувањето на фестивалот – како постојан потсетник дека промената започнува од нас.

„Нашата крајна цел, олесната преку Културно-уметничкиот центар Текстил – Штип, е да поттикнеме активно граѓанско учество и да обезбедиме континуитет на социјалниот дијалог за најитните општествени прашања. Само на овој начин можеме да изградиме општество ослободено од страв и неправда – општество каде што животот, трудот и гласот на секој поединец се вреднуваат и заштитуваат“, велат од „Гласен Текстилец“.

Настаните ќе бидат пренесувани во живо на Facebook, на фан страната на „Гласен Текстилец“.

Програмата може да се погледне тука: https://glasentekstilec.mk/2025/09/26/programat9/, или во прилог:

Петок, 03.10.2025
10:00 – Отворање на „Текстилијада 9“ – Откривање на мурал „Иднината на текстилниот град“, локација: ОУ „Ванчо Прќе“ – Штип
10:30 – Интернационален форум „Модернизација на приватниот сектор: Одржлив раст, социјален дијалог и регионален развој“, локалација: хотел „Оаза“ – Штип
13:30 – Регионална конференција „Родово одговорно буџетирање во Источниот регион“, локација: хотел „Оаза“ – Штип
18:00 – Литературен конкурс „Мојот свет без корупција”, локација: Библиотека „Гоце Делчев“ – Штип
19:00 – Визуелна изложба „Градот што шиеше историја”, локација: Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ – Штип

Сабота, 04.10.2025
11:00 – Дебата „Синдикален плурализам – Правни и институционални предизвици за независно претставување”, локација: хотел „Оаза“ – Штип1
14:00 – Национална конференција „Од маргините до центарот: Економски права на жените во приватниот сектор”, локација: хотел „Оаза“ – Штип
15:00 – Промоција на весникот „Текстилец”, локација: Централна градска област – Штип
18:00 – Претстава „Ова не е театар, ова е вистина”, локација: Народен театар – Штип
19:00 – Изложба на стрип „Супер синдикалка”, локација: Гласен текстилец
21:00 – Јавна завршна Изјава „Гласови од Истокот: Нашата посветеност на достоинство, дијалог и промена”, локација: Тајм Аут кафе – кај пинг понг сала, Штип