Гласен текстилец со јавно писмо, бараат сет мерки за работниците и работничките

Активистите за работнички права и работници од текстилната индустрија кои од 2017 година го оформија здружението “Гласен Текстилец” од Штип, преку јавно писмо се обратија до Собранието, барајќи да се исплатат неисплатените работи, државно здравствено осигурување, платено бoлeдување.

Оттаму велат дека социоекономската и здравствена криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, удри со сета сила по вработените од ниско-профитабилните и трудо-интензивни гранки, кои се соочиле со незаконски откази, непродолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеци, губење на права од работен однос, се разболувања на работно место.

Од „Гласен текстилец“ наведуваат дека голем дел од фирмите, посебно во текстилната индустрија, сè уште немаат исплатено плати за февруари и март 2021 на работниците и работничките.

„Бараме за време на привремена спреченост од работа (боледување) поради Ковид-19, на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им биде исплаќан надоместок на плата во целосен износ, односно 100%. Потребата од ваквото барање несомнено произлезе поради тоа што граѓаните се соочени со егзистенцијални проблеми, посебно оние од приватниот сектор поради лекувањето и лекарствата чии цени се значително зголемени, а приходите на работниците и надоместокот од 70% за време на боледување не се доволни за тие да ги подмират трошоците за лекување на болеста. Не смееме да си дозволиме да немаме платено здравствено осигурување, особено во време на здравствена криза“, нагласуваат оттаму.

Од „Гласен текстилец“ бараат од пратениците да го изгласаат сетот мерки, кои велат дека е неопходен за  нормално функционирање.

Оттаму бараат и донесувања и измени на закони кои ќе овозможат редовна исплата на плата, следење на злоупотребите од страна на одредени работодавачи преку првите 4 сета на мерки, помош за оние кои останале без работа, 100% платено боледување поради Ковид-19 и право на здравствено осигурување на секој еден граѓанин.