Театарска претстава „Возот“ за одбележување на 130 години од изградбата на пругата Солун – Битола

Вечерва, со почеток од 20 часот и 30 минути, во просториите на ноќниот клуб „Јагода“ и железничката станица во Битола, во продукција на Интимен Театар ќе се одржи театарската претстава „Возот“, по повод 130 години од изградбата на пругата Солун – Битола.

Проектот е организиран од културната организација „Дрезина“ од градот Вериа, а во склоп на македонско-грчки проект.

„Во проектот учествуваат осум грчки градови и тоа, Солун, Александрија, Вериа, Наоуса, Едеса, Скидра, Аминдео, Лерин, како и Битола, од македонска страна, претставувана од Интимен Театар. Во сите овие градови, на нивните железнички станици, на 26ти јуни во 20.30 часот македонско, и 21.30ч. грчко време, ќе се случат мноштво на културни настани, во знак на прослава на железничката линија Битола – Солун“, стои во најавата за настанот.

Во театарската претстава, како што велат организаторите, ќе настапуваат сите актери што гравитираат околу Интимен Театар, но и ученици од театарската школа „Фабрика за мечти“.

„Мотото на нашата претстава е ‘Интимен Театар за железницата’, со една единствена цел, а таа е да се промовира важноста на оваа линија Битола – Солун за целата локална заедница, како и за целата наша држава, а и да се потенцира практичноста и ефикасноста на превозот со воз“, додаваат од Интимен Театар.