„Танго на улица“ на овогодинешниот „Статуафест“

Статуафест – Другото лице на улицата, како и секоја претходна година концептуално раскажува приказни. Фестивалот на живи статуи годинава ќе се одржува од 23 до 25 јуни на скопскиот „Свер Јадран“ и ќе раскажува за тангото.

„(Статуафест) дури и му даде име на фестивалот ‘Танго на улица’, со тенденција да го претвори Скопје во една мала, но, сепак, голема уличка, сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги види и запознае оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото, притоа, ‘премачкани’ во и со тој разигран уличен миг на евергрин“, соопштува „Театроск“.

Според организаторот, „Танго на улица“ ќе го расцупка асфалтот во ритамот на бандеонот кој, создавајќи ја музиката за танго ја возвишува до небеса сета енергија која како морница лази по телото.

„Страст. Љубов. Движење. Вино. Порака. Допир. Еротизам без еротизам. Само мирисот и вкусот на телото го создаваат тој сок на спојување. Бакнеж во воздухот кој патувајќи пристигнува некаде далеку, на некое, за голо око невидливо место каде задолжително, секогаш – пристигнува точно навреме“, се вели во најавата на фестивалот.

Инаку, ова ќе биде шестто издание на „Статуафест“, а за потсетување – лани фестивалот раскажуваше улични приказни за скопјани од секојдневието.

[Галерија] Статуафест: Секојдневието во Скопје прикажано низ живи статуи