Талат Џафери со 62 гласа „за“ избран за претседател на Собранието

Со 62 гласа „за“ и 43 гласа „против“, Талат Џафери по вторпат е избран на функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија (РСМ), на првото продолжение на конститутивна седница на Собранието.

Ова доаѓа по предлогот на пратеникот од редовите на ДУИ, Изет Меџити кој посочи дека Џафери претходно ефикасно ја водел работата на Собранието, но и успешно ги менаџирал процесите од неговата надлежност.

Џафери ја потпиша свечената изјава веднаш откако беше избран за претседател на Собранието.

Пратеници од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива и Левица претходно преку собраниската говорница ги изнесоа своите ставови зошто нема да гласаат за нов мандат на Џафери за претседател на Собранието.

Во Собранието на 4 август се верификуваа мандатите на 120-те пратеници кои беа избрани на парламентарните избори одржани на 15 јули.

Најмногу пратеници тогаш освои Коалицијата „Можеме“, вкупно 46, по што следуваат ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата со 44 пратеници, Демократската унија за интеграција (ДУИ) која освои 15 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12 пратеници, Левица освои двајца пратеници и Демократската партија на Албанците (ДПА) која освои еден пратеник.

На 13 август пак, претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот за создавање на нова Влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој потенцираше дека го добива мандатот за создавање на демократска, политичка, одговорна и европска влада.