Собранието се конституираше, потврдени мандатите на новите 120 пратеници

Собранието на Република Северна Македонија ја одржа конститутивната седница и ги верификуваше мандатите на 120-те пратеници кои беа избрани на парламентарните избори одржани на 15 јули, кои во следните четири години треба да ги застапуваат интересите на граѓаните во законодавниот дом.

Собранието за прв пат се конституираше во друга сала, „Големата купола“, со физичка дистанца помеѓу пратениците за да можат да се испочитуваат здравствените препораки поради пандемијата со Ковид-19, додека гласањето се вршеше со кревање ливчиња. На седницата беа присутни 117 пратеници, а на сите нив пред влезот во законодавниот дом им беше мерена температура.

Првата седница беше прекината пред да се избере претседател на новиот собраниски состав и членови на Комисијата за избори и именување, а таа се очекува да продолжи откако политичките партии ќе постигнат договор за обезбедување мнозинство во Собранието и избор на новата Влада.

Според уставните рокови, Претседателот на државата, Стево Пендаровски, има должност во следните 10 дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог-состав на Владата.

На парламентарните избори најмногу пратеници освои Коалицијата „Можеме“, вкупно 46, по што следуваат ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата со 44 пратеници, Демократската унија за интеграција (ДУИ) со 15 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива со 12 пратеници, Левица, 2 пратеници и Демократската партија на Албанците (ДПА) која ќе има еден пратеник.

Во 120-те столчиња од новиот состав на Собранието на Република Северна Македонија ќе седат 77 пратеници и 43 пратенички. Најмладиот пратеник има 23 години, а најстариот 72 години.

[Инфографик] 77 мажи и 43 жени во новото Собрание, најмладиот пратеник има 23 години