[Визуелизација] Како ќе изгледа новото македонско Собрание

Коалицијата „Можеме“, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) победи на предвремените парламентарни избори 2020 година и ќе има најголем број на пратеници во новиот состав на Собранието, објави Државната изборна комисија (ДИК).

Според првичните неофицијални резултати кои ги соопштија од Комисијата, Коалицијата околу СДСМ освоила 327.329 гласови (34,73% од вкупниот број на граѓани кои гласале), додека на второ место е Коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ со 315.344 гласа (33,46%) од гласовите. Третопласиран е ДУИ со 104.587 гласови (11,1%), по што следуваат Алијанса за Албанците и Алтернатива со 81.297 гласови, (8,63%), Левица со 37.551 (3,98%) и ДПА со 13.891 гласови (1,47%) е последната партија која засега добива пратеничко место.

Според ДИК распоредот на мандати во следниот парламентарен состав ќе биде: СДСМ и Коалицијата – 46, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата – 44, ДУИ – 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12, Левица – 2 и ДПА – 1.

Во продолжение погледнете како визуелно ќе изгледа следното Собрание на Северна Македонија, споредено со претходните два парламентарни состави.

*Напомена: Првичниот текст кој го објавивме утрово е променет со ажурирање на најновите податоци кои ги соопшти ДИК на јавната седница одржана на 16 јули во 19 и 30 часот.