Таксират #24: „Ситуацијата излезе од контрола, ние сме на…“ „SODOM“, „LA PEGATINA“, „Buč Kesidi“ и „IAMDDB“

Под мотото „Ситуацијата излезе од контрола, ние сме на…“ Таксират #24 ќе се одржи на 7 декември во Арена „Борис Трајковски“. Засега за главната вечер на музичкиот фестивал се најавени четири изведувачи  – германскиот треш-метал бенд „SODOM“, „каталонците“ „LA PEGATINA“ чиј зук е мешавина на каталонска румба и ска музика, диско/поп-рок/електро бој-бенд „Buč Kesidi“ и уметницата на британската хип-хоп ренесанса, „IAMDDB“.

„’SODOM’ 40 години неприкосновено владее со жестокиот звук како суверен носител на титулата еден од најценетите треш метал бендови на стариот континент. Тие објавија 16 студиски албуми како и бројни синглови, компилации, видео изданија, а пред самото доаѓање за прв пат во Македонија на Таксират, бендот го објави јубилејното делукс издание по повод 40 години творење, под наслов ’40 YEARS AT WAR – THE GREATEST HELL OF SODOM’“, истакнуваат организаторите..

Бендот „LA PEGATINA“ е претставен како една од најубавите емоционални експлозии на музичката сцена, со латински ритам кој флертува заедно со каталонската румба и ска музиката, правејќи вистински панк делириум.

„’LA PEGATINA’ ќе ни го претстават своето ново шоу ‘Hacia otra parte’ со обновена и поенергична поставка од било кога досега. Ќе биде невозможно да престанете да се движите, уживајќи во нивните најпопуларни песни како ‘Maricarmen’ и ‘Lloverá y yo veré’, а и во нивните последни хитови ‘Y volar’ и ‘Down For Love“, велат од „Таксират“.

За третиот изведувач на главната вечер, „Buč Kesidi“, организаторите истакнуваат дека тие се најпопуларното име на новата регионална сцена, со милиони на нивните „YouTube“ видеа и секогаш рекордно распродадени концерти исполнети со енергичните настапи, одлична сценографија и диско/рокенрол журка.

Последена најавена изведувачка е водечката уметница на британската хип-хоп ренесанса, „IAMDDB“.

Diana De Brito ака IAMDDB ја преточи својата генијалност во глобална популарност, враќајќи ја женската моќ со свеж звук на музичката сцена. Комбинирајќи безвременски џез и соул со модерен трап и р’н’б, созададе сопствен стил кој го нарече урбан џез и важи за најкреативните уметници на новата сцена од британскиот остров. Премиерно во Македонија, пристигнува на #ТАКСИРАТ2022 во рамки на европската турнеја на која речиси сите настапи ѝ се целосно распродадени“, посочуваат од „Таксират“.

Билетите за овогодинешната главна вечер на „Таксират“ се достапни во продажба, по првата и промотивна цена од 700 денари, која важи само за првите 100 билети. Билетите можете да ги набавите онлајн и на продажните места на МкТикетс.