СЗО: Најлошите последици од пандемијата би можеле да поминат оваа година

Најлошите последици од пандемијата, смртните случаи, хоспитализацијата и карантинот би можеле да поминат оваа година доколку брзо се реши проблемот со големата нееднаквост во достапноста на вакцините и лековите, рече Мајкл Рајан од Светската здравствена организација (СЗО), пренесува „Данас“.

Тој на панел-дискусија организирана од Светскиот економски форум рече дека вирусот „можеби никогаш нема да исчезне“, бидејќи таквите пандемични вируси „на крајот стануваат дел од екосистемот“, но дека постои шанса оваа година да заврши вонредната состојба во јавното здравство доколку се реши проблемот со нееднаквата достапност на вакцини.

СЗО ја оцени нерамнотежата во вакцинацијата против Ковид-19 помеѓу богатите и сиромашните земји како катастрофален морален неуспех. Помалку од 10 отсто од луѓето во сиромашните земји примиле само една доза вакцина.

„Она што треба да го направиме е да достигнеме ниско ниво на инциденца на болеста со максимална вакцинација на населението“, рече Рајан.

Од почетокот на пандемијата, досега во светот со коронавирус се заразиле над 335 милиони лица, а починале околу 5.5 милиони луѓе.