СЗО: Богатите земји употребиле 82% од сите вакцини против Ковид-19

Повеќе од милијарда дози вакцини против коронавирусот се искористени ширум светот, а 82% од нив се употребени во високо и средно развиените земји, рече генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус, пренесува „Н1“.

Гебрејсус истакна дека само 0.3% од вакцините се употребени во сиромашните земји.

Достапноста на вакцините е еден од главните предизвици на пандемијата, оцени Гебрејсус за време на онлајн конференција.

Од почетокот на епидемијата, со Ковид-19 ширум светот се заразиле повеќе од 150 милиони луѓе. Од нив над 3 милиони починале, додека повеќе од 127 милиони оздравеле.