Во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија вечер (16 јули) од 21 часот ќе настапуваат „The Planktons“ сурф-рок трио од Скопје, кое по неколку години пауза е назад на сцената.
„The Planktons“ имаат и ново издание, EP што носи наслов „No Time For Surf“.
„По одличната промоција во ‘Буква’, овие дечки ни доаѓаат во ‘Ла Кања’ и најавуваат уште еден целовечерен концерт, уште една луда и незаборавна вечер пропратена со сурф-рок магијата, која со себе ја носат овие дечки. Воедно, оваа скопска банда одбележува и 10 години постоење на музичката сцена. Ве очекуваме, не пропуштајте!“, стои во најавата.
Јубилејот претставува една деценија од нивното прво EP „El Plancton“, а потоа го издаваат и првиот албум насловен „Денес“.
Триото го сочинуваат Оливер Зрињи на гитара, Марко Трендафиловски на тапани и Андреј Крстевски на бас.