Студија: Дезинформациите може да ги одвратат луѓето од вакцините против Ковид-19

Теориите на заговор и дезинформациите ја хранат недовербата на луѓето во вакцината и би можеле да влијаат на тоа бројот на оние кои се за вакцинирање против Ковид-19 во САД и Велика Британија, да не го достигне нивото потребно за заштита на заедницата, покажа студија од изминатиот четврток, пренесува Ројтерс.

Истражувањето опфатило 8.000 луѓе во двете земји и покажало дека помалку од 55 отсто од населението е спремно да се вакцинира против ковид-19, далеку помалку од процентот неопходен да се стекне таканаречениот „имунитет на стадо“.

„Вакцините се ефикасни само ако луѓето се вакцинираат. Дезинформациите ги хранат вознемиреноста и неизвесноста околу новите вакцини и се шират на социјалните мрежи“, вели Хајди Ларсон, професорка на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, една од авторите на истражувањето.

„Со тоа се намалува процентот на луѓето кои се спремни да ја прифатат вакцината“, вели Ларсон, која е и директорка на Меѓународниот проект за доверба во вакцините.

Истражувањето е објавено во неделата во која двете западни компании, германската Бајонтек и американски Фајзер, врз основа на резултатите на клиничките истражувања објавија дека нивната вакцина против ковид-19 е ефикасна во 90 отсто од случаите.

Ројтерс пишува дека тие податоци се клучен чекор во борбата против пандемијата која досега уби над милион луѓе.

Во студијата за дезинформациите, 3.000 анкетирани во секоја земја во периодот од јуни до август биле изложени на широко распространетите дезинформации на социјалните мрежи за вакцината против ковид-19.

По илјада преостанати учесници во истражувањето во секоја земја, кои биле контролната група, добивале фактички информации за вакцината против ковид-19.

Пред да бидат изложени на дезинформациите, 54 отсто од анкетираните во Обединетото Кралство кажале дека „сигурно ќе се вакцинираат“ против ковид-19, а во САД тој процент изнесувал 41,2 отсто. Но, по изложеноста на дезинформациите, довербата паднала за 6,4 отсто во Британија, односно за 2,4 отсто во САД.

Во двете земји, луѓето без факултетско образование и работниците со ниски примања се поспремни да ја отфрлат вакцината против ковид-19, се наведува во истражувањето.

Жените се поспремни од мажите да ја отфрлат вакцината, но повеќе анкетирани во двете земји биле спремни да ја прифатат вакцината ако тоа значи дека ќе ги заштитат семејството, пријателите и ризичните групи.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.