Студентски пленум: Да не ги заборавиме останатите колеги кои се во мизерни услови

Студентски пленум апелира дека реновираните соби во блок Б од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, кои од денеска беа отворени за вселување на студентите од блок А, не значи дека треба да се заборават останатите студенти сместени во другите блокови, кои се уште се во мизерна состојба.

„Иако многумина сметаат дека треба да ви се заблагодариме за постигнатото, не го очекувајте тоа од нас. Не можеме да ги заборавиме останатите 600 колеги кои зимските минусни температури ќе ги дочекаат во мизерните услови кои сите ги просведочивме.

Навидум чисти ѕидови, нови кревети, нов мебел, интернет, парно и чисти тоалети за 300 студенти, но што е со мувлосаните ѕидови, скршените тавани, поплавените подови и нечистите тоалети во останатите блокови, но и во останатите студентски домови?

За реновирање на еден блок ви беше потребна повеќе од една година, а сега велите дека до 2017 ќе биде реновиран цел СД „Гоце Делчев“. Дали навистина мислевте дека со реновирање на само еден блок ќе ги заборавиме вашите лаги и популизам? Дали можеби сакате да ве потсетиме колку пати до сега сте ни дале лажни ветувања?

Ќе повториме бидејќи се чини дека не нè разбирате – Ние, студентите, не чекаме избори! Ние не веруваме во вашите предизборни ветувања ниту пак во вашите лаги. Затоа престанете да се фалите со полузавршени проекти и фатете се за работа бидејќи нашите колеги страдаат.

Да ве потсетиме дека поминаа 20 дена, а сè уште не сте ја објавиле локацијата на студентскиот дом кој го ветивте“, велат од Пленумот.

Во реновираниот блок Б денеска беа отворени повеќе од 160 опремени соби, односно 304 легла. Најголемиот дел од собите, преку 120, се двокреветни,  32 се еднокреветни, а има и 8 соби наменети за брачни парови.

[Фото] Студенти почнаа да се вселуваат во реновираниот блок Б во „Гоце“

Реконструкцијата на блок Б, кој во 2013 година беше зафатен од пожар, започна дури во октомври минатата година, иако според ветувањето на премиерот Никола Груевски дадено пред две години, студентскиот дом требаше комплетно да биде реновиран минатиот септември. Тој исто така, неодамна најави и дека по преместувањето на студентите од блок А во блок Б, ќе започне реновирањето на блокот А.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, стои дека до 2016 година, односно за помалку од два месеци, целиот студентски дом треба да биде комплетно саниран.