[Фото] Студенти почнаа да се вселуваат во реновираниот блок Б во „Гоце“

Студентите кои беа сместени во стариот блок А од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, денеска полека почнаа да се вселуваат во реновираниот блок Б.

Студентите кои добија решение за преместување во реновираниот блок ги отворија своите нови соби за екипата на Радио МОФ. Велат дека се задоволни што ќе можат да живеат во подобри услови. Со помош на пријатели ги пренесуваа нивните работи со новиот лифт, иако се уште може да се забележи стариот лифт кој не работи.

„Можам да кажам дека сум многу задоволна од новата соба откако се преселив од блок А, а цената за сместувањето ќе остане иста“, вели студентка што ја затекнавме додека се преместуваше од стариот во реновираниот блок.

Во секоја од собите има нови кревети, плакари, биро за учење, како и мини кујни со шпорет и фрижидер, додека купатилата и вецињата на спратовите се целосно реновирани.

Во меѓувреме, останатите блокови, како А, В и Г остануваат во ужасна состојба. Студентите од овие блокови велат дека се уште немаат информации кога нивните соби ќе бидат реновирани и ќе можат да живеат во истите услови како нивните колеги.

Блок В

Блок В

Во реновираниот блок Б денеска беа отворени повеќе од 160 соби, односно 304 легла. Најголемиот дел од собите, преку 120, се двокреветни,  32 се еднокреветни, а има и 8 соби наменети за брачни парови.
Градежните работи кои требаше да завршат во март годинава, но беа одложени, ги изведуваше вевчанската фирма „Виа“, која го доби тендерот на Министерството за образование наука тежок 1,2 милиони евра. Договорот меѓу министерството и фирмата беше склучен на 6 август 2014 година.
Реконструкцијата на блок Б, кој во 2013 година беше зафатен од пожар, започна дури во октомври минатата година, иако според ветувањето на премиерот Никола Груевски дадено пред две години, студентскиот дом требаше комплетно да биде реновиран минатиот септември. Тој исто така, неодамна најави и дека по пременстувањето на студентите од блок А во блок Б, ќе започне реновирањето на блокот А.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ поттикна јавни дебати и доби многу ветување откако пред пред неколку години светот дозна за мизерните услови во кои престојуваат студентите. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ пак, стои дека до 2016 година, односно за помалку од два месеци, целиот студентски дом треба да биде комплетно саниран.

Емилија Петреска