Студентски пленум: 2615 студенти сакаат поголема контрола врз работата на СПУКМ

На денешниот неформален и необврзувачки референдум, вкупно 2767 студенти од 22 факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ излегле да го дадат својот глас, соопшти Студентски пленум. Од нив, 95 отсто, односно 2615, не сакаат Студентскиот пaрламент да остане невладина организација, туку тело во склоп на универзитетот, додека 137 студенти рекле дека сакаат оваа форма на студентско организирање да се задржи. Неважечки ливчиња имало 15.

„Студентската волја денес е артикулирана, па на Сенатот и Ректорот останува да ја испочитуваат. Според нас, тоа е нивната единствена опција. Овој референдум претставува гест на самоопределување и почеток на изградба на новиот идентитет на еманципираниот студент и граѓанин. Студент кој е ревносно револтиран и спремен да го менува постоечкото статус кво. Студентите денес се општествениот пиреј на демократските вредности“, рече студентот Стефан Дојчиновски по соопштувањето на резултатите.

Според Пленумот, студентите денес успеаја да покажат зрелост и капацитет за одбрана на студентското достоинство. Тие велат дека 5 октомври е ден на студентското ослободување од стегите на корумпираниот систем и репресивниот апарат.

„Студентите денес ја реанимираа демократијата како концепт во нашето општество и ја вратија солидарноста како примарна вредност на фронтот, вредност која не обединува во нашата бескомпромисна борба“, рече Дојчиновски.

Референдумот официјално започна утрово во 9 часот, а гласачките кутии се затворија во 17 часот. Во гласањето не учествуваа студенти од Факултетот за физичка култура, бидејќи како што претходно Пленумот соопшти, не се пријавиле волонтери од овој факултет на јавниот повик кој тие го објавија.

Започна студентскиот референдум: „Гласам за да не ме крадат“

Инаку, овој начин на изразување став, не постои во форма на акт во правилникот на универзитетот, но послужи за да ја прикаже волјата на студентите за тоа каков модел на студентско организирање тие сакаат, пред да се одржии седницата на Сенатот, на кој ќе се решава по ова прашање.

Студентскиот пленум од самиот почеток се залагаше за моделот според кој, СПУКМ ќе биде признаен како тело на универзитетот, со цел да има поголема контрола врз неговата работа, начинот на кој се трошат парите и се спроведуваат избори за студентски претставници.