Започна студентскиот референдум: „Гласам за да не ме крадат“

„Да не крадат како студенти мислам дека навистина не е во ред“, рече студентка на Филолошкиот факултет додека го оставаше своето гласачко ливче во импровизираната гласачка кутија, за време на првиот студентски референдум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Овој начин на изразување став, иако не постои во правилникот на универзитетот, или студентското организирање, сепак, привлече забележителен број студенти уште во девет часот, кога официјално започна гласањето.

Филолошки/Филозофски факултет

Според досегашните информации на Студентскиот пленум, како организатор на референдумот, за помалку од три часа, се собрани речиси 500 гласа од студентите, а најголем дел од нив доаѓаат од Правниот и Медицинскиот факултет. Сепак, овој референдум нема обврзувачки и формален карактер, туку повеќе служи за да ја изрази волјата на студенти пред престојната седница на Сенатот, на која ќе се одлучи како ќе функционира Студентскиот парламент во иднина – во рамки на УКИМ, или ќе продолжи како невладина организација.

„Излегов да гласам бидејќи СПУКМ не ги претставува интересите на студентите, туку ги претставува интересите на некоја политичка партија, како што знаеме сите. Исто така, СПУКМ функционираше две години со нелигитимен претседател на којшто му беше истечен мандатот и поради тоа сметам дека СПУКМ не треба да ги претставуа интересите на студентите“, смета студентот Ратко Ајцев од Правниот факултет.

Член на изборната комисија на Правниот факултет

На ова се надоврза негов колега од Филолошкиот факултет кој се надева дека неговиот глас ќе биде слушнат:

„Сметам дека досегашното студентско организирање е коруптивно. Мора да се постави некоја рамка којашто ќе ги спречи овие скандали“.

„Повеќето од студентите се разочарани ако се смени нешто, се надевам дека тоа би било на подобро“, рече друг студент со кој Радио МОФ разговараше.

„Досега не сме биле прашани, така што ова е вистински чекор да имаме пофер организација што ќе ги претставува нашите права. Искрено досега не сме слушнале за тоа што СПУКМ работи и тоа е нешто што мислам дека треба да се смени“, смета студентка по психологија.

Од Студентски пленум се задоволни од досегашната излезеност, велат дека по гласањето, кое треба да заврши во 17 часот, гласовите ќе ги бројат на лице место, пред очите на студентите.

„Можам да кажам дека уште во првиот час ја надминавме реалната бројка што ја имаше СПУКМ на изборите. Гласањето се врши позади паравани, имаме обезбедено на сите факултети, студентите се легитимираат со индекс или студентска легитимација по што го даваат својот глас“, рече студентот Борјан Ефтимов од Студентски пленум.

Тој соопшти дека не успеале да го започнат гласањето на Факултетот за земјоделски науки, Ветеринарна медицина и на Факултетот за физичка култура, бидејќи оттаму не се пријавил волонтер кој би го набљудувал гласањето. Ефтимов рече дека Пленумот се обидува да стапи во контакт со студенти од овие факултети за да им се овозможи и тие да го искажат својот став.

Гласачкото место на Економскиот факултет

„Досега немаме никакви проблеми и се надеваме дека ќе продолжи така и дека се ќе помине во најдобар ред“, рече тој.

Моделот на студентско организирање, кој Пленумци во неколку наврати го претставија, треба да обезбеди поголема контрола од студентите и од факултетот врз работата, трошењето на парите и изборите кои ги спроведува Студентскиот парламент, па поради тоа, Пленумот смета дека СПУКМ треба да биде дел од Универзитетот, а не невладина организација.

„Се надеваме дека Сенаторите ќе ја препознаат волјата на студентите и одлуката што треба да ја донесат за студентското претставничко тело ќе ја донесат врз база на мислењето на студентите. Останува нивна морална одговорност дали ќе го направат тоа, дали ќе застанат на страната на студентите, или ќе застанат на страната на некаква невладина организација која досега не ги претставуваше реално студентите“, подвлече Ефтимов.

Поддршка за денешниот референдум дадоа и група професори од повеќе факултети.

Е.П.