Студентски отпор утре ќе им се приклучи на УСС УКИМ на заеднички протест пред МОН

По заедничка координација, неформалната организација Студентски отпор најави дека ќе им се приклучи на Универзитетското собрание (УСС) УКИМ за утрешниот протест пред МОН, со цел студентите да се здружат.

„Само обединети и заедно можеме да се избориме за нашите студентски права. Колеги, се гледаме во понеделник од 14:00 пред МОН. Понесете со вас пароли, свирчиња и многу енергија. Време е да го слушнат студентскиот крик!“, велат од Студентски отпор.

Претходно, тие порачаа дека и покрај најавите на МОН дека стипендиите за месец октомври и останатите ќе бидат исплатени на 1 февруари како краен рок, сепак трансакциските сметки на студентите останале празни.

„Средства кои денес ги немаме, а сме приморани да ги користиме за покривање на трошоците за запишување на семестар и останати тековни трошоци за студирање. Исто така веќе две години го пробиваат сите рокови за започнување на реконструкцијата на студентските домови кои се со субстандардни услови, а многу пати досега беше ветено дека ќе се започне реконструкцијата во најбрз можен рок“, стои во повикот на Студентски отпор.

УСС УКИМ претходно го најавија протестот од 14 часот под мотото „Студентите обединети“.

„Револтирани и обесправени студенти, време е да ги кренеме своите гласови и обединето да излеземе против неправдите врз нас и против неефикасното работење на Министерството за образование! Универзитетското студентско собрание на УКИМ, ве повикува вам, останатите Универзитетски собранија и сите останати студентски организации, да ни се придружите и достоинствено да излеземе на протест каде ќе ги искажеме горливите маки. Проблемите се многу. Сплотени, ние сме уште повеќе“, се вели во повикот на УСС УКИМ.

Засега, нема официјална информација дали на Студентски отпор и УСС УКИМ во 14 часот ќе им е приклучи и организацијата Студентска револуција, кои својот протест пред МОН го најавија од 12 часот. И тие рекоа дека протестот е последица бидејќи нема ниту една исплатена рата од студентските стипендии за учебната 2023/2024 година од МОН.

„Според досегашното искуство и според следењето на целиот процес поврзан со поднесените апликации за стипендија, имаме легитимна причина да веруваме дека апликациите се уште се непроверени и очекуваме понатамошно одолговлекување на процесот. Затоа, како студенти го упатуваме овој предупредувачки апел до министерот и сите надлежни за спроведување на програмата на владата – да не си поигруваат со трпението на студентите, бидејќи доколку институционалниот пат ни е попречен и ние сме обесправени, правдата ќе ја бараме на улица, преку масовни протести“, рекоа од Студентска револуција.

Бојан Шашевски