Студентите на УКИМ се поканети на Меѓународниот ден на антропологијата со пост-апокалиптична игра

Студентите по етнологија и антропологија објавија отворена покана до сите студенти на УКИМ на заедничко одбележување на Меѓународниот ден на антропологијата.

Преку научно-фантастично сценарио, дебатата „Чамец за спасување“, ќе се одржи на 16 февруари во просториите на Институтот за антропологија и етнологија кои се наоѓаат на Природно-математичкиот факултет (ПМФ).

„Светот го зафаќа глобална катастрофа. Во последното вселенско летало кое се подготвува да замине од Земјата има место за само уште еден патник – студент од УКИМ. Зошто токму вие и вашата академска дисциплина би го заслужиле тоа место? Кои знаења би биле клучни за обнова на цивилизацијата“ гласи отворената покана за Меѓународниот ден.

Сите студенти кои сакаат да се приклучат и да покажат зошто нивната дисциплина е најпотребна за одново градење на цивилизацијата може да се пријават поединечно или во тим од по двајца на dusica.bracic@gmail.com.