Студентите може да проверат дали се во „протечената“ база со лични податоци

Откако по мејлови почнаат да се шират лични податоци на скоро 5.000 сегашни и поранешни студенти од државни и приватни факултети, многумина посакаа да дознаат дали нивното име, адреса, телефонски броеви, адреса, индекс и лозинка се наоѓаат во „протечената“ датабаза.

Оттука, од It.mk направија пребарувач, преку кој студентите го внесуваат личниот и-мејл, по што се врши проверка дали истиот е присутен во датабазата.

„IT.mk ги нема складирано личните податоци присутни во базата, туку со цел спречување на понатамошно ширење на базата врши проверка само на и-мејлот“, велат од IT.mk.

Инаку, информацијата за „протечената“ датабаза најпрво почна да се шири преку социјалните мрежи. Радио МОФ прв објави за случајот, а потоа го контактираше и деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, кој во средата тврдеше дека се  преземале мерки за да се спречи дополнително ширење на податоци, со оглед што, според студентите, базата беше прично пратена од мејл од овој факултет.

„Дел од серверите и дел од ИТ опремата со која располага Машинскиот факултет се исклучени. Остварен е контакт со Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), а првиот работен ден, од наша страна ќе биде доставено и официјално барање до Дирекцијата за вршење вонреден контролен надзор, со што ќе се расветлат причините за настанатата состојба“, изјави Данев за Радио МОФ, ден пред празникот.

За денеска се очекува некаква реакција или соопштение од Дирекцијата, која најави дека ќе го проследи случајот. Се уште не се знае дали се работи за хакерски напад, или пак некаква грешка при која се проширија личните податоци.