Деканот на Машински факултет: Ги изгаснавме серверите, ДЗЛП ќе го расчистува случајот

По информацијата дека лични податоци од 4.793 студенти биле испратени преку официјалните мејлови од Машинскиот факултет од Скопје, за ситуацијата се огласи и Деканот на факултетот, Дарко Данев.

Тој вели дека веднаш откако преку Радио МОФ дознале за случајот, преземале мерки за да се спречи дополнително ширење на податоци.

„До овој момент ги преземавме сите мерки за да биде спречено евентуално понатамошно ширење на податоци од секаков вид, а тоа значи дека дел од серверите и дел од ИТ опремата со која располага Машинскиот факултет се исклучени. Остварен е контакт со Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), а првиот работен ден, од наша страна ќе биде доставено и официјално барање до Дирекцијата за вршење вонреден контролен надзор, со што ќе се расветлат причините за настанатата состојба. Исто како и вие со нетрпение ги очекуваме наодите од Дирекцијата“, изјави Данев за Радио МОФ.

Како што претходно објавивме, во информациите споделени со голем број студенти на Машинскиот факултет, јавно се објавени броевите на индекс, адресите на живеење, градовите, телефонските броеви, мејловите и лозинките за мејловите на студентите, што е спротивно на Законот за лични податоци.