Студентите инсистираат овојпат дебатата да биде на нивен терен

На само еден ден пред да се одржи средбата на која ќе се сретнат претставници од Министерството за образование и наука, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но и претставници од Студентски и Професорски пленум каде ќе се разговара за концептот и текстот на Законот за високо образование, се уште нема конкретна информација за тоа каде ќе се одржи и во колку часот.

Средбата за работните групи МОН ја предложи пред три дена, а неофицијално дознавме дека денеска ректорот повикал студенти-претставници од повеќе факултети, да разговараат за утрешната средба. Од Студентски пленум не сакаа да дадат официјален став за средбата без претходно меѓусебно да се координираат.

Сепак, тие велат дека будно следат се што се случува во оваа дебата, воедно инсистираат овојпат таа да биде на нивен терен.

„Мислам дека многу од нештата се оставени под прашање, немаме конкретно време, конкретно место, ние инсистираме на тоа дебатата конечно да биде на наш терен, на универзитетот, а доколку министерот или претставникот од министерството не сака да дојде на наш терен, тогаш би сакале да бидеме на неутрална територија, а не во министерството за образование и во Влада“, изјави Анастасија Петревска, од Пленумот.

Во однос на неодамнешната изјава на министерот Абдилаќим Адеми каде тој вели дека не ја разбира реакцијата на студентите кои веќе пет дена откако прогласија автономна зона престојуваат на неколку факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Студентски пленум смета дека тие и понатаму се делегитимирани. Тие велат дека сега ја имаат позицијата да бидат слушнати да го кажат својот став бидејќи како што велат, токму затоа го избрале овој метод. Студентите сметаат дека овојпат треба да бидат сериозно сфатени.

„Изјавата на министерот Адеми само ги потврдува нашите сомнежи дека оваа Влада и министерството немаат вистинска волја за подобрување на високото образование, туку така речиси „силеџиски“ и „набрзинка“ што ги одложи измените во законот за коишто ние претходно четири месеци се боревме, значи само дека сака да не стиши, сака да го стуши бунтот и да ни го одземе мотивот за понатму. Меѓутоа ние сме децидни на тоа дека не остануваме на ова, сакаме да видиме дела и мислам дека во таа насока и понатаму ќе бидеме“, додаде Петревска.

Со свои забелешки за изјавата на Адеми излезе и Професорскиот пленум од каде велат дека создавањето работни групи кои ќе работат на нови законски решенија, не го гледаат како процес на преговори, туку како работење за заедничка цел – закони кои ќе соодветствуваат на македонскиот образовен систем и кои ќе донесат вистински реформи, а не реформи кои се неприменливи, штетни и противуставни.

„Ваквите изјави го поткопуваат процесот пред тој да започне, ја зацврстуваат недовербата кон институциите на системот и ги потврдуваат ставовите на оној дел од јавноста кој не верува во добрите намери на направените отстапки на власта. Затоа, Пленумот потенцира дека однапред поставените црвени линии на министерот Адеми нема да донесат ништо добро и само ја откриваат позицијата на министерството за образование и наука, а со тоа и на Владата на РМ“, велат од Професорскиот пленум.

Во меѓувреме, студентите најавија дека ќе продолжат со активностите на факултетите со цел да го пополнат времето што немаат формални предавања. Во аулата на Филозофски/Филолошки факултет денеска продолжи отворената дискусија за проблемите со кои се соочуваат студентите во високото образование.

„Ги повикувам другите, еве пренесете им, кажете им, луѓе ќе ни го уништат факултетот. Тоа што ние го обожаваме, а сите архитекти колку и да ви кажат тешко е, не спиеме и некои слични работи, ние си го сакаме факултетот, што ние за разлика од многумина од другите, директно имаме можност како и другите уметници да го искусиме тоа што ние ќе го правиме. И мене некој тоа да ми сведе на колоквиум, мене тоа некој да ми го сведе на пет прашања… Па, какви архитекти ќе излезат?“, се обрати студентка од Архитектонскиот факултет пред своите колеги за време на дискусијата.

На Машински и на ФЕИТ пак, денеска се одржуваат студентска изложба, предавања со членовите од хаклаб КИКА, како и дебата на тема „Да ја одвоиме државата од образованието – патот кон слободно и квалитетно образование. Воедно, студентите од автономната зона на техничките факултети ги повикуваат своите колеги, но и сите заинтересирани да направат игра во поддршка на студентското движење. Крајниот рок е 22 февруари.