Професорски пленум: Нема да учествуваме во создавање слика на вештачка инклузивност и транспарентност

Професорскиот пленум на својата официјална веб-страница со неверување и незадоволство ја прими информацијата за јавно изразениот став на министерот Адеми и неговото разбирање како треба да се води процесот на изработка и донесување на пакетот закони од областа на високото образование.

„Би сакале да го потсетиме министерот Адеми дека на средбата на 06 февруари 2015 г., меѓу премиерот Груевски, претставници на Владата и работната група на УКИМ во кои беа и членовите на Студентскиот и на Професорскиот пленум, беше договорено и јавно соопштено дека во „поширок транспарентен и инклузивен процес заедно со релевантните чинители заеднички ќе се работи на градење на квалитетен систем на високо образование“…„во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование“.

Оттука, зачудувачки е што само по една недела, министерот Адеми изјавува дека работните групи ќе го „усогласуваат конечниот текст на законот за високо образование, а не дека ќе се работи на нов закон за високо образование и другите сродни закони. Искрено се надеваме дека изјавата на министерот е само несреќно дадена и дека нема основа за сомнеж и не постојат задни намери на ресорното министерство и на Владата да искреираат про-форма дебата во обид да ги задоволат барањата на студентите и на професорите. Нема да прифатиме да учествуваме во создавањето слика на вештачка инклузивност и транспарентност, а при тоа министерот да остане на своите политички ставови за воспоставување на некакви контролни и правни механизми за проверка на знаењето“, се вели во соопштението.

Професорите додаваат дека процесот на заедничко работење и создавањето на работни групи кои ќе работат на нови законски решенија, не го гледа како процес на преговори, туку како работење за заедничка цел – закони кои ќе соодветствуваат на македонскиот образовен систем и кои ќе донесат вистински реформи, а не реформи кои се неприменливи, штетни и противуставни.

„Ваквите изјави го поткопуваат процесот пред тој да започне, ја зацврстуваат недовербата кон институциите на системот и ги потврдуваат ставовите на оној дел од јавноста кој не верува во добрите намери на направените отстапки на власта. Затоа, Пленумот потенцира дека однапред поставените црвени линии на министерот Адеми нема да донесат ништо добро и само ја откриваат позицијата на министерството за образование и наука, а со тоа и на Владата на РМ“, велат од Професорскиот пленум.

Тие реагираат и на делот од неговата изјава каде тој вели дека „УКИМ ќе одлучи за претставниците во работната група“. Исто така, според нив е крајно несериозно тоа што во речникот на министерот исчезнаа зборовите Студентски и Професорски пленум.

„Сметаме дека министерот Адеми и МОН, во деновите кои доаѓаат, а пред првиот состанок со претставниците на УКИМ и на двата пленуми, треба да и објаснат на јавноста што значат изјавите на првиот човек на министерството. Само така ќе бидеме уверени во искрената намера на власта за инклузивна, транспарента, но и суштествена работа за унапредување на квалитетот и стандардите на високото образование“, забележува Професорски пленум.

Министерот Абдилаќим Адеми вчера изјави дека не ја разбира реакцијата на студентите кои прогласија автономна зона веќе четири дена на неколку факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Според него, тие имаат право да протестираат, но не би требало тоа да го прават на овој начин.

„Не можам целосно да ги разберам студентите бидејќи на нивно барање го одложивме законот за една година за да се остави простор за конструктивни разговори. Одложувањето на законот подразбира и привремено укинување до донесувањето на нов закон. Правото на протест е загарантирано, но тоа важи сè до моментот кога не се повредуваат правата на другите.Во моментов, се повредуваат правата на студентите и професорите коишто не можат да присуствуваат на нивните предавања на факултетите на коишто студентскиот пленум дејствува по нивната програма, таканаречената окупација или автономна зона“, рече Адеми.

МОН закажа средба со работната група од УКИМ за во понеделник, каде ќе се разговара за концептот и текстот на Законот за високо образование.