Студентите дискутираа за идните чекори – можна е окупација, дијалог или и двете

Голем број на студенти, неколку професори, но и граѓани, на вечерашниот генерален Студентски пленум што се одржа на Архитектонскиот факултет дискутираа за нивните следни активности.

Средбата се одржа со цел да се разгледаат ставовите за тоа дали ќе се оди на дијалог преку кој студентите ќе се обидат да го натераат Министерството за образование и наука да ги повлече законските измени со кои се воведе државен испит или тоа да го направат со вонинституционални начини како што е окупацијата  на факултетите.

Тие не ја отфрлаат можноста да дејствуваат и на двата начини. Но, од Пленумот потенцираат дека она што се дискутираше на самата средба не е конечно.

„Видовме дека нашите десет илјади луѓе не значат ништо, дека протести пред Влада не значат ништо, дека се што направивме буквално не придонесе ништо за изменување на крајниот резултат. Законот е веќе изгласан и стапи на сила. Што е она што ние можеме да направиме понатаму? Тоа е прашањето што наскоро ќе треба да го решиме“, беа воведните зборови со кои започна собирот.

„Законот е веќе изгласан, но ние сме одлучни дека нема да се откажеме и сите можности се отворени – како ќе одлучат студентите така ќе направиме“, изјави за медиумите активистката на Студентски пленум, Нина Тунтева.

На собирот свои обраќања имаа студенти, како и професори, кои ги искажаа своите ставови за средбата што МОН и УКИМ денеска ја договорија за следниот вторник.

Како што информираа од Студентскиот пленум, тие и Професорскиот пленум се поканети од страна на УКИМ да учествуваат на работната група составена од претставници на УКИМ, СПУКМ и пленумите, на која ќе присуствува и министерот за образование.

На самиот крај од собирот, студентите предложија во знак на солидарност кон граѓаните од источна Македонија кои се погодени од поплавите да се соберат средства за помош.