Студенти од Академијата за филм во Охрид со тужби против МОН за доцнењето на академската година

Две недели откако студентите од Академијата за филм во Охрид побараа итни одговори и мерки од Министерството за образование заради доцнењето на новата академска година, тие се уште чекаат решение. Освен ветувањето од надлежните дека проблемот ќе биде решен, студентите не добиле ниту едно официјално известување изминативе два месеци.

„Револтирани поради молкот и непостапувањето на надлежните за ситуацијата во која се наоѓаат студентите на ИФФА(FIOFA), а за која претходно испративме писмо до сите релевантни медиуми, ја известуваме јавноста дека студентите кои имаат важечки договори со Министерството за образование и наука ќе започнат правна постапка и ќе покренат заедничка тужба, како и поединечни тужби до Министерството за образование и наука поради неисполнување и непочитување на договорите, како и поради дезинформирање или ненавремено информирање, поради кое студентите трпат материјални штети. Истовремено, интернационалните студенти ги известија своите матични амбасади, но и медиумите во своите земји. Ние сме студенти, уметници и филмски работници. Ние можеме да разбереме сѐ, но не и бескрајниот молк“, стои во реакцијата на студентите.

Според нив, ова е несериозен однос од страна на едно министерство и воопшто на една сериозна држава, кон академски граѓани, високо образовани кадри и пред сѐ , велат тие, „непочит кон уметници кои дошле во Македонија на дообразување, со желба за траен престој и придонес кон македонската кинематографија“.

Нерегуларности ја одложија наставата на Академијата за филм во Охрид, студентите чекаат решение