Нерегуларности ја одложија наставата на Академијата за филм во Охрид, студентите чекаат решение

Нема уписи годинава на Академијата за филм во Охрид, која работи по стандардите на филмската академија во Прага. Неизвесната ситуација за иднината на академијата предизвика револт меѓу домашните и странските студенти кои веќе еден месец се во Охрид, но без настава. Интернационалните професори воопшто не се дојдени, бидејќи нивниот статус не е регулиран, реагираат студенти од Академијата преку отворено писмо упатено до Министерството за образование и наука. Тие не ја исклучуваат можноста и за покренување тужба против министерството и Академијата за да ги остварат своите права.

Какви се намерите на Министерството за образование и наука со Академијата, прашуваат студентите во писмото.

„Сите студенти кои требаше да ја започнат новата академска година, повеќе од еден месец се во Охрид, но настава нема, а нема ниту било какво известување од Министерството за образование и наука. Истовремено студентите од првата генерација кои веќе ги одбранија своите магистерски тези не можат да добијат диплома иако ги завршија сите обврски кои произлегуваа од нивните договори и студиските програми“, се вели во писмото потпишано од 40-тина студенти.

Велат дека ги исцрпиле сите обиди за да добијат конкретен одговор од МОН зошто сѐ уште не започнала новата академска година, дали воопшто ќе започне и кога студентите од првата генерација ќе ги добијат своите дипломи. Но, и покрај неколкумесечни писмени преписки со министерството и средби со претставници и советници од министерството, јасен одговор нема.

„Сите нѐ уверуваат дека ќе има решение, но досега никој не презеде ништо, ниту пак сме добиле било какво официјално известување“, велат студентите во отвореното писмо.

Студентите и од Македонија и интернационалните студенти се во Охрид, на свој сопствен трошок, уште од почетокот на месец октомври, очекувајќи го стартот на новата година во предвидениот рок. Никој досега не ги известил за конкретни мерки. Ниту дека ќе се продолжи со нормална настава, ниту пак дека академската година се одложува, или во најлош случај дека академијата ќе престане да работи.

Радио МОФ вчера побара одговор од МОН и Академијата за филм, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Но, заменик-министерот за образование, Петар Атанасов, во изјава за Факултети.мк вели дека нема да дозволат затворање на Академијата за филм. Тој посочи дека до Влада ќе биде упатено барање за избор на нов в.д директор, со што ќе почне да се средува проблемот.

„Актуелната директорка ги нема потребните титули за да ја врши таа функција. Многу нерегуларности се најдени во работењето на оваа институција. Ние ќе се трудиме да го задржиме тоа што е добро, како што се професорите, врската со ФАМУ, некои студентски програми што биле добри. На импровизиран начин академијата била пререгистрирана во Институт. Се надевам што поскоро да се најдат решенијата. Месец дена се занимавам со овој случај, а не би знаел да кажам зошто кон крајот на минатата академска година не било отворено ова прашање“, рече Атанасов за Факултети.мк.

Во исчекување на решение, студентите велат дека се подготвени и да покренат тужби против МОН и раководството на Академијата, како би ги оствариле своите права.