Студенти на УКИМ се организираат да им помогнат на колегите кои немаат услови да следат онлајн настава

Студенти од Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” започнаа акција со која сакаат да им помогнат на своите колеги кои немаат можност да ги следат електронски предавања.

Станува збор за иницијатива од Комисијата за студентски стандард при Универзитетското студентско собрание. Оттаму ги повикаа студентите кои немаат услови да следат онлајн настава, да остават свои податоци во формуларот достапен на следниот ЛИНК.

,,Со оглед на кризата предизвикана од Ковид-19 наставата на факултетите се одржува онлајн, но за следење на наставата потребно е да се има соодветна техничка опрема, а дел од студентите ја немаат таа опрема. Како Комисија за студентски стандард при Универзитетското студентско собрание сакаме да им помогнеме на студентите со тоа што ќе собереме информации за ситуацијата во која се наоѓаат студентите и да издејствуваме да можат да следат настава во иднина”, вели Димитар Тромбевски, претседател на Комисијата и студент на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” за Радио МОФ.

Акцијата доаѓа откако пред три недели училиштата и факултетите се затворија поради вонредната состојба која беше прогласена по појавата на Ковид-19 во земјата. По ова, наставата на повеќето факултети целосно ,,се пресели” онлајн така што студенти комуницираат со своите професори преку видео конференции и е-платформи за испраќање материјали.

[Видео] НаЧас: Коронавирусот ќе помине, но образованието ќе остане таму каде што е