[Видео] НаЧас: Коронавирусот ќе помине, но образованието ќе остане таму каде што е

Среќа не полагавме, бидејќи двапати ќе падневме на испит поради слабата интернет конекција. Но, и покрај тешкотиите, направивме нова епизода од емисијата „На час“.

Гости, секој од својот дом, ни беа студентските претставници Борјан Ефтимов од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Дона Петрова од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Мирко Наџаков од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Зборувавме накратко за тоа колку факултетите се спремни за онлајн настава и онлајн полагање.

Универзитетското студентско собрание на УКИМ се приспособува на ситуацијата, вели Ефтимов, но според него добро се снаоѓаат во користење на технолошките решенија, преку кои постојано комуницираат со студентите за нивните барања. Тие неодамна ги повикаа студентите да пријавуваат ако нема онлајн настава на нивните факултети.

„Има околу 70 пријави, изненади бројот, навистина не очекувавме толку голема активност на студентите, па сега ги процесираме пријавите кои ќе бидат испратени до факултетските студентски собранија, тоа е првата фаза на постапката, а потоа ќе се обидеме да комуницираме со професорите кои не држат видео конференциски предавања, а природата на материјата што ја предаваат го дозволува тоа, и да им помогнеме доколку не можат и ако не знаат да ги држат тие предавања“, вели Ефтимов.

На УКЛО, преку анкета студентите се изјаснија дека сакаат онлајн настава, но не и онлајн полагање. Овој став се потврдил и на Наставно-научниот совет каде слично размислување споделиле и професорите и деканите. На тамошните факултети изминативе три недели непречено се одвива настава прилагодена според полицискиот час, вели Петрова, додека онаму каде студентите не се во можност редовно да ја следат, се договараат директно со професорите.

Наставата ќе трае до крај на април, но нема да има колоквиуми, бидејќи ќе се чека момент за физички да се полага, а во случај до лето да не се изнајде решение, ќе се бараат алтернативи, посочи таа.

„Во секој случај (полагањето) треба да е физички, бидејќи постојат и такви студенти кои немаат проблем дали ќе биде онлајн или физички, но можеби ќе немаат уреди или добра онлајн врска“, вели Петрова, апелирајќи да не се запостават ваквите случаи.

И на УГД мнозинството од студентите се против онлајн гласањето. Но, таму како што посочи Наџаков, од самиот почеток има онлајн платформи за учење, е-библиотека, како и дел од колоквиумите се одвиваат онлајн, така што службите се убедени дека може да вршат конрола врз онлајн полагањето. Сепак, по преговори со ректорската управа, Наџаков вели дека колоквиумската недела ќе биде одложена до 30 април.

Според Ефтимон, не треба да се брза со решенија, туку со смирена топка да се чека до сесијата во јули, а во меѓувреме вниманието да се фокусира на наставата и учењето, паралелно изнаоѓајќи решенија кои доколку продолжи кризата би се спровеле.

„Па, еве дур трае интервјуво, два пати ми падна конекцијата, така што не мислам дека треба да избрзуваме и под паника дека кризата ќе продолжи, дека ќе го промени начинот на живот, да донесуваме избрзани решенија. Да, дигитализација дефинитивно е потребна на факултетите. Да, треба да бидеме храбри и да преземаме решителни чекори, но треба и да бидеме внимателни да не направиме грешки, да избрзаме и тоа дополнително да го срози квалитетот кој и ионака е дискутабилен“, смета тој.

Ефтимов ги повика професорите да соработуваат со студентите.

„Короната ќе помине, а образованието ќе остане таму каде што е. Мораме постојано да се бориме за подобрување на квалитетот и условите, и работата на високо образовните институциите“, порача тој.

Емилија Петреска