Студентарија: Укинат субвенционираниот оброк за дел од студентите што живеат од семејна пензија поради починат родител

Платформата за информирање на студентите Студентарија вели дека од почетокот на мај добива реакции од студенти на кои им е прекинато правото на субвенциониран студенти оброк. Како што објаснуваат од платформата, станува збор за студенти кои примаат семејна пензија поради починат родител.

„Иако овие студенти со месеци редовно ги добиваа средствата за оброк, од овој месец повеќе не се на списокот на корисници. Причината – нивните месечни приливи, односно пензијата. Според моменталните критериуми, студентите кои имаат месечни приходи над минималната плата немаат право на оброк. Меѓутоа, семејната пензија не е избор, туку социјално право што се добива поради загуба на родител“, посочуваат оттаму.

Според информациите на Студентарија, прекинато е правото на оброк не само на оние што земаат пензија во износ над минимална плата, туку и на дел од оние што земаат под минимална плата, што, според нив, создава уште поголема конфузија и чувство на неправда.

„Пред надлежните сакаме да потенцираме дека семејната пензија не е луксуз, туку социјално право кое државата го дава за да помогне, студентите што ја примаат семејната пензија се ранлива категорија и не смеат да бидат исклучени од други форми на поддршка, како и дека никој не избира да изгуби родител!“, нагласуваат тие.

Од платформата сметаат дека укинувањето на правото на студентски оброк за оваа категорија студенти е неправедно и социјално неодговорно.

„Студентите што примаат семејна пензија не треба да се третираат исто како оние што имаат редовна плата. Тие не се финансиски независни, туку живеат од поддршка која ја добиваат поради трагичен настан, а често ја делат со своите браќа и сестри. Изненадното укинување без најави или дополнително појаснување од институциите создава несигурност и чувство на дискриминација“, посочуваат од Студентарија.

Принтскрин од реакцијата на Студентарија на Инстаграм

Тие од надлежните институции бараат да го преиспитаат овој критериум и да го вратат правото на оброк за оваа категорија студенти; да воведат социјална проценка и да го анализираат социјалниот контекст, а не само формалните бројки и приливи; да дадат јасно и недвосмислено објаснување за сите идни промени во условите; но и транспарентност и доследност во примената на мерката.

„Студентарија ја проследи реакцијата и до МОН, од каде очекуваме преземање чекори за решавање на овој предизвик“, поентираат оттаму.