Поради факултетска грешка за студентите од битолскиот Педагошки факултет доцни субвенционираниот оброк

Стотици студенти на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола не ги добиле првите средства за субвенциониран студентски оброк, иако на другите студенти им беа исплатени во втората половина на декември, известува Мета.мк.

И покрај тоа што ги исполнувале условите, ниту еден студент од втора, трета и четврта година на овој факултет не ги добил субвенциите за оброк во износ од 6.480 денари. Студентите останале без овие пари оти факултетот не ги доставил податоците кои ги побарало Министерството за образование и наука (МОН).

Студентите посочуваат дека и покрај тоа што на конкурсот за субвенциониран оброк се пријавиле уредно и ги доставиле сите потребни документи, нивните апликации биле одбиени бидејќи не се редовни студенти.

Другите студенти во земјава парите за субвенциониран оброк ги добија на 22 декември, кога на сметка им легнаа 6.480 денари. Тоа се пари кои им беа исплатени за три месеци одеднаш поради доцнењето на повикот.

Студентите од Педагошкиот факултет тврдат дека факултетот, поради грешка, не ги доставил бараните потврди за редовни студенти.

„Студентите од втора до четврта година бевме одбиени за користење на студентскиот оброк од МОН, бидејќи нашиот факултет не ги испратил потврдите за редовни студенти, велат дека било ‘техничка грешка,’ но студентите што се од прва година добија студентски оброк. Ова не е неправда направена само на неколку студенти, ова е неправда за сите студенти од факултетот“, пишува студентка од Педагошкиот факултет во една од пораките што стигнале до Мета.мк.

Од МОН и од факултетот на студентите кажале да поднесат приговор на одбиените апликации, но три недели подоцна, студентите велат дека уште не добиле конечен одговор на приговорите. Од факултетот ги известиле студентите да аплицираат на вториот конкурс за субвенциониран оброк чиј рок истече на 5 јануари, а се однесуваше на оние студенти што не го оствариле правото на оброк со првиот јавен повик.

Студентите сега се плашат дека ако приговорите не им бидат одобрени, ќе останат без субвенциите што им следуваат за месеците септември, октомври и ноември.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКЛО (УСС УКЛО), Душан Стевановски, потврди дека студентите останале без оброк поради грешка на факултетот.

„Поради направена техничка грешка од страна на Педагошкиот факултет во Битола, сите студенти од втора, трета и четврта година автоматски беа изоставени од можноста за добивање субвенциониран студентски оброк. Од тогаш досега се направени неколку чекори, меѓу кои и наши, во правец на решавање на ова недоразбирање“, вели Стевановски.

Голем број негови колеги од Педагошки факултет се обиделе да стапат во контакт со МОН, но безуспешно.

МОН досега изврши само една исплата на субвенциите за студентски оброк. Студентите сега ги очекуваат пари за месецот декември.