Струмица е „Град на културата“ за оваа година

Општината Струмица оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култра. На конкурсот биле пријавени општините Струмица, Тетово, Кавадарци, Велес и Дебар.

„Општина Струмица во доставената апликација нуди квалитетна и богата културна програма, со содржини од сите дејности на културата. Сите настани кои ќе бидат дел од оваа манифестација се внимателно конципирани да го задоволат вкусот на сите посетители, од сите возрасти. Граѓаните на Струмица и сите љубители на културата и уметноста ќе можат да проследат бројни активности од различни жанрови и со различна естетика, проекти преку кои се негува и традиционалното, но и современото творештво, а предвидено е учество на релевантни домашни и странски уметници. Општина Струмица ќе стави во функција бројни инфраструктурни и човечки капацитети со што ќе овозможи богата културна содржина во текот на целата година“, стои во соопштението на Министерството за култура.

Тие појаснуваат дека како важен сегмент во изборот на општина Струмица било тоа што бил предвиден буџет за реализација на програмата во висина од 15 милиони и 150 илјади денари, а од Министерството за култура се побарани само 2 милиони и деветстотини и седумдесет илјади денари што претставува 19.6 проценти од вкупно предвидениот буџет. Со тоа, од страна на општина Струмица ќе бидат покриени останатите финансиски средства во висина од 80.4 проценти, со што во споредба со преостанатите поднесени пријави, општина Струмица ќе учествува со најголем процент со сопствени финаниски средства за реализација на програмата.

Во изработката на апликацијата биле вклучени сите установи од областа на културата во Струмица:Завод и музеј Струмица, Центарот за култура „Антон Панов“, библиотеката „Благоја Јанков Мучето“, во координација со општината.

Манифестацијата „Град на културата“ иницирана од Министерството за култура, прифатена и поддржана од општините во државата започна да се реализира во 2004 година.