„Стражари на ноќта“ – нова стихозбирка на изложбена поезија од Марија Митева

Збирката поезија „Стражари на ноќта“ на Марија Митева ќе биде промовирана во среда (1 ноември) во мултимедијалниот објект „Мала станица“.

Станува збор за изложбена поезија од 24 песни, кои се, пред сè, поврзани со Скопје. Имено, збирката се состои од 24 постери, на кои е илустрирана по една од песните и наместо меѓу корици како книга, сместена е во папка. Темите кои се во фокус на поезијата се прелеваат од општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби кои се нераскинлив дел од општественото битисување.

Илустрациите ги потпишуваат седуммина уметници од визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори, односно Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски – Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска кои го претставуваат своето видување на различните теми на песните.

Стихозбирката е во издание на „Полица“, а писателката Лидија Димковска за неа пишува: Оваа изложбена поезија има призвук на рок-поезија, обработува урбани, општествени, социјални, геополитички, емотивни и
егзистенцијални теми на сленговски јазик, кои го отсликуваат македонското и универзалното секојдневие на игрив начин, неретко со ритам и внатрешна рима, со филмски колажи и игри на зборови.

Поставката ќе може да се разгледа вечерта при промоцијата, како и во следните денови до 5 ноември.

„Стражари на ноќта“ е прва збирка поезија на Марија Митева (1995), која доаѓа три години по нејзината прва збирка раскази „Највисокото дно“ (2020), и таа во издание на „Полица“. Авторката припаѓа на генерацијата најмлади автори во современата македонска книжевност.