Стоп за Вардариште бара камери, обезбедување и пари за санација на некогашната депонија

Иницијативата Стоп за Вардариште ја алармира јавноста и надлежните институции за, како што велат, сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата Вардариште, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината.

„Граѓаните кои живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицински лица постојано предупредуваат јавно за последиците по нашето здравје, особено по здравјето на децата. Овој проблем не е нов, но неговата зачестеност и интензитет во последните месеци достигнаа алармантно ниво“, нагласуваат од иницијативата.

Од Стоп за Вардарште од надлежните институции бараат итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата. Исто така, континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења, но и поставување ограда околу целата депонија.

„(Бараме) поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7. Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди. Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста. Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад“, се барањата на иницијативата.

Според официјални податоци уште од 2014 година, велат од таму, на локацијата се претпоставува дека биле депонирани околу 2.500.000 м3 отпад.

„Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав. Анализите укажуваат на високозагадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален е складиран и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 година укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води“, посочуваат од Стоп за Вардариште.

Оттаму, нагласуваат дека ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност.

„Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! Вардариште не смее повеќе да гори!“, соопштија од таму.

Исто така, тие посочија дека сиво е цело Скопје и отров дишат граѓаните, а и Дрисла гори од вчера, не само Вардариште.

„Бараме итна реакција. Ако не видиме реакција и обезбедување на депониите од властите ќе ги прошириме блокадите. Се гледаме во 18 часот“, соопштуваат од Стоп за Вардариште.

Инаку, граѓани повеќе денови ја блокираат раскрсницата на булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, пред мостот „Киро Глигоров“, за да искажат револт и побараат решенија за некогашната депонија, која повеќе од две децении е официјално затворена, а сепак отворена за влез на отпад и за палење разно ѓубре, гуми, метали.

Меѓувремено, граѓаните низ годините од изминатите градоначалници на Скопје се изнаслушаа како целиот тој дел ќе биде исчистен, претворен во зеленило, други споменуваа и некаква дислокација, трети дека ќе биде изграден и мега парк.

[Видео + фото] „Добредојдовте во Гасодром“ – нов протест против загадувањето од Вардариште

Бојан Шашевски