Од Влада, Собрание, па до Министерство за животна средина и просторно планирање ќе се одвива утрешниот (31 јануари) протестен марш инициран од иницијативата Стоп за Усје.
Почетокот на маршот е во 12 часот на „Илинденска“ пред владиниот објект во Скопје.
„Оваа сабота одиме на марш, поради молкот на институциите и бегањето од одговорност! Излегуваме на улица за правото на чист воздух и за конечно институциите да почнат да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните. Ајде заедно да кажеме СТОП за труењето од Усје. Се гледаме во сабота!“, стои во повикот на Стоп за Усје.
Еко-активистите на претходниот протест симболично дадоа жолт картон за Усје и Министерството за животна средина, по што посочија дека не веруваат во модел каде индустриски капацитети сами мерат и сами пријавуваат податоци за загадувањето.
Затоа побараа 24/7 јавен мониторинг, достапен за граѓаните во реално време. Само така, рекоа тие, Усје може јавно и транспарентно да докаже дека не загадува.
„Од што се плаши? Граѓаните имаат право на вистински и реален увид во воздухот што секојдневно го дишат. Тоа не е привилегија, туку основно право. Доколку институциите и понатаму молчат и одбиваат да постапуваат, јасно порачуваме: ќе следи радикализација на граѓанскиот притисок преку поинтензивни, почести и пошироки акции. Ова не е закана. Ова е директна последица на институционалната неактивност“, посочија од иницијативата.
[Фото] Граѓани на протест дадоа „жолт картон“ за Усје и Министерството за животна средина



