Стефоска: Посветено се работеше за повторно отворање на институциите од културата во време на пандемија

Пред доаѓањето на есента и во координација со сите засегнати страни, установите и Комисијата за заразни болести, посветено се работеше за повторно отворање и функционирање на институциите од културата во време на светската пандемија, рече денеска новата министерка за култура, Ирена Стефоска.

На нејзината прва прес-конференцијата како министер, истакнато беше дека во текот на вчерашниот ден на седницата на Владата беа усвоени општите протоколи за одржување настани во затворен простор, кои се однесуваат и на кината и на театарите. Националните установи од областа на театарската дејност имаат обврска да изготват индивидуални протоколи, бидејќи секоја институција има свои специфики, а тие треба да бидат усогласени со општиот протокол кој е усвоен од Владата. Според општите правила за реализација на настани, треба да се искористат само 30 % од капацитетите, да нема паузи за излегување во фоаје, претставите треба да траат од час до час и половина, да се менуваат филтрите на климатизерите на секои 6 месеци и друго.

Министерката го истакна и проблемот со задоцнетите плати во културата.

„Во оваа пригода сакам да потсетам дека по 15 години е потпишан нов Колективен договор во културата, кој, секако, има простор уште да се усовршува, а со тоа и работничките права во културата, за што секогаш ќе се залагам. За таа цел, вчера формирав работна група од најдобрите специјалисти во земјава, кои со претставници на синдикатите и службите во Министерството, во разумен рок ќе ги преиспитаат евентуалните правни недоследности на Колективниот договор“, рече Стефоска, која за новинарите прецизираше дека за јули сѐ уште не се исплатени плати на 2 национални установи и на 11 локални поради тоа што уште не ја доставиле потребната документација според новиот Колективен договор. Таа нагласи дека во меѓувреме, почната е работата за исплата на платите за август.

Стефоска рече дека новите Годишни конкурси за поддршка на проекти од национален интерес ќе бидат објавени во согласност со стариот Закон за културата, но, како што кажа, веќе се работи на подобрување и усовршување на критериумите за вреднување на пријавите во Годишните конкурси.

„Од особена важност и во Собранието што побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу другото, се менува и моделот на финансирање во културата“, рече таа.

Како цели на министерството во наредниот период посочи три столба – културно наследство, млади и евроинтеграција.

„Клучниот документ што ги дефинира основите на нашата мисија во културата е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година, која беше изгласана во Парламентот без ниеден глас против. Ова подразбира обезбедување и осовременување на условите за работа на институциите, на независната сцена и на поединците“, нагласи Стефоска.

Министерката во своето излагање рече дека клучните барања и на ЕУ кон Република Северна Македонија е токму заштитата на културното наследство. Се осврна на обврските кон УНЕСКО, Охрид и Охридскиот Регион и потсети дека како поранешна претседателка на Комисијата за култура во Собранието, беше иницијатор за организирање на Надзорна расправа за Охридскиот Регион, од која произлегоа 22 заклучоци.

Стефоска истакна дека нејзина прва задача како министерка е да овозможи воспоставување на ефикасен систем за заштита на културното наследство и макотрпно, заедно со тимот и институциите, рече таа, да работи на „раскрстувањето со вандалскиот однос кон нашето наследство бидејќи таквиот однос кон него, сите нас нѐ носи  во пропаст“.

„Уште веднаш по моето стапување на должност, од надлежните институции побарав детални податоци и анализи за црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во Курбиново каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност!“, рече Стефоска.

Таа пред новинарите изрази зачуденост, зошто во последниве децении црквата „Св. Ѓорѓи“ не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност, иако Законот за заштита на културното наследство го наложува тоа. Според Стефоска, таквиот статус – добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот.

„Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’ во Матејче, иако уште во 2017 г. Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, рече министерката за култура.

Понатаму, потенцираше дека нема да бидат заборавени и спомениците од НОБ кои се еднакво важен сегмент во нашата културна меморија.

„Пред 10 дена од Секторот во Министерството побарав да изготват листа на споменици од НОБ на територијата на целата земја, кои лично ќе ги обиколам за да видам во каква состојба се наоѓаат. Затоа што антифашизмот е втемелен во нашата државност, а повоена Европа е градена на антифашистички темели. Младите генерации заслужуваат да растат и да се развиваат со вредностите на антифашизмот“, посочи Стефоска.

Во остатокот од своето обраќање таа потенцираше дека постои соработка со Град Скопје за ревитализација на централното градско подрачје по штетите предизвикани од „Скопје 2014“, а, според Програмата на Владата, за оваа цел се планира распишување меѓународен конкурс.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.