[Став] Водата како јавно добро: како да стигнеме дотаму?

Jadranka Ivanova 400x500

Пишува: м-р Јадранка Иванова

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода! Сите наши размислувања, грижи и интуитивни желби за преземање акции за подобра грижа за водата завршуваат наредниот момент откако таа повторно ќе протече низ чешмата.

На сите ни е позната изреката дека „Третата светска војна“ ќе биде заради водите! Можеби војна, какви што биле во минатото нема да има, но ние треба да се „бориме“ за водата како да е нападната од најголемата воена сила. Водените ресурси денес се нападнати од климатските промени, кои се резултат на економскиот раст кој ги занемарува влијанијата врз животната средина. Луѓето, како најголеми непријатели, ја загадуваат со испуштање на опасни супстанции, и се однесуваат кон водата со голема негрижа и алчност, како да се работи за неограничен ресурс. Затоа е потребно итно да се „бориме“ за да ги заштитиме водите како национални ресурси, при што, ваквото штитење ќе води кон победа со глобално значење.

Но, дали ги штитиме водите дома? Водата, всушност ја цениме само кога ја нема, кога таа не тече низ нашите чешми. Тогаш, размислуваме за нејзината важност, го критикуваме комшијата кој себично ја наводнува бавчата со вода наменета за пиење, или пак ги критикуваме политичарите, градоначалникот или јавното комунално претпријатие (ЈКП) кои не успеале да обезбедат редовно вода. Сета наша активност најчесто се сведува на протест и напаѓање на давателот на услуга на вода за пиење. Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода! Сите наши размислувања, грижи и интуитивни желби за преземање акции за подобра грижа за водата завршуваат наредниот момент откако таа повторно ќе протече низ чешмата. Ова се потврдува и со истражувањето кое покажа дека 82 проценти од потрошувачите на вода воопшто се немаат вклучено во активности поврзани со заштита на водите.

Регулирање на прашањето вода за пиење во ЕУ

Исти или слични проблеми има и во Европската унија, но се многу помали, во број и по интензитет. Сепак, тие беа доволни Европската комисија (ЕК) да започне постапка за ревидирање на Директивата за вода за пиење. Делумно беше поттикната и од Иницијативата за право на вода (‘the Right2Water initiative’) која посочи неколку области за измени на директивата, пред сè во проширување на параметрите со кои се оценува квалитетот на водата, како и дека сè уште дел од населението на ЕУ, особено припадниците на ранливите групи, немаат пристап до вода за пиење. Иницијативата апелираше дека правото на пристап до вода на секој мора да се оствари и зајакне, повикувајќи се на Целта број 6 од Целите за одржлив развој на ОН за 2030. Се потенцираше генерално слабата свесност за загубите на водата од неконтролирани истекувања, кои настануваат од недоволните инвестиции во одржување и обнова на инфраструктурата за вода од страна на давателите на услуги. Причина повеќе беа извештаите на Светската здравствена организација поврзани со следењето на квалитетот на водите и Акцискиот план за циркуларна економија на ЕУ кој бара преземање на мерки за намалување на создавањето отпад од пластика заради користење на флаширана вода.

Сите овие прашања ја обликуваат содржината на новата Директива за квалитет на водата наменета за консумирање од страна на човекот (EU 2020/2184) која зајакнува неколку аспекти на контрола и подобрување на квалитетот на водата за пиење и нејзина заштита. Следните новини се битни да бидат презентирани, имајќи ја во предвид состојбата со водите во Република Северна Македонија.

Стандардот на квалитетот на водата за пиење се подобрува со зголемување на видот и бројот на параметри што задолжително мора да се почитуваат, за да може водата да биде безбедна за консумирање. Квалитетот мора да се осигура на местото каде водата излегува од јавниот водоснабдителен систем, но давателот на услуга треба да ја следи и домашната водоводна мрежа, како и да ги поучува корисниците, сè со цел да се избегне или намали секакво неконтролирано загадување на водата. Воедно, давателот е неопходно да направи проценка на ризикот за безбедноста на водата, за тоа да ја извести ЕК најдоцна до јули 2027 година и соодветно да преземе мерки за да го подобри нејзиниот квалитет.

Треба да се направи и проценка на ризикот на изворите и нивните сливни подрачја од кои се врши водоснабдување на населението. Особено, треба да се проценат местата каде што се врши зафаќање на водата и заштитните зони на изворите, како и да се уреди и заштити просторот околу изворите. За системите кои обезбедуваат дистрибуцијата за најмалку 10 метри кубни вода дневно, треба да се идентификуваат сите ризици во мрежата и изворите. Следствено, треба да се обезбеди соодветен мониторинг и да се информира јавноста за квалитетот на водата.

Во согласност со принципите на супсидијарност и пропорционалност, земјите членки на ЕУ се должни да преземат мерки за да го подобрат пристапот до вода за пиење до сите, а особено до ранливите и маргинализираните групи на лица. Затоа, треба да се идентификуваат сите жители коишто немаат воопшто или имаат ограничен пристап до вода за пиење и да се преземат мерки за обезбедување на вода преку јавен водоснабдителен систем. Треба да се промовира користењето на вода за пиење од чешми, особено во зградите на јавната администрација, како и да се поттикне поставување на опрема на јавни места.

Најзначајната промена е обврската на давателите на услуга, најдоцна до јануари 2026 година, да направат проценка на загубата на вода во своите системи користејќи го индексот на инфраструктурни загуби (infrastructural leakage index – ILI) и да преземат мерки за намалување на загубите. Од исклучиво национална обврска, заштедата на водата за пиење стана обврска на ЕУ. Затоа ЕК, најдоцна во јануари 2028 година, ќе усвои праг на загуби и кога тој ќе биде надминат, земјата членка треба да подготви акционен план за намалување на загубите.

Каде е Северна Македонија?

Сите овие промени имаат за цел водата да ја направат јавно добро, а не потрошувачка стока која може да ја трошиме колку што сакаме и можеме, што бара промена во досегашната пракса и зголемена одговорност на граѓаните, државите и давателите на услуги. Граѓаните на Северна Македонија консумираат околу 250 милиони метри кубни вода годишно преку јавни водоснабдителни системи, која потекнува 85 проценти од подземни извори и има задоволувачки квалитет, за што граѓаните се многу малку информирани. Алармантна е состојбата со загубите на водата, а во 21-от век сè уште имаме населени места и граѓани (11% од домаќинствата) кои немаат пристап до вода за пиење.

Со намера јавно-комуналните претпријатија да се ослободат од политичкиот притисок, особено на локално ниво, од 2016 година, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја контролира цената на водата за пиење преку примена на методологија што треба да гарантира дека цената не ги надминува неопходните трошоци за нејзино дистрибуирање до корисниците и обезбедува одржување и развој на водоснабдителната и канализационата мрежа.

Во последниот годишен извештај за состојбата со водите на Регулаторната комисија за 2020 година се оценува дека во 2020 неприходованата вода се движи од 7 до 89 проценти по јавно-комунално претпријати, или просечно ниво на цела држава изнесува 61,94 проценти. Ова значи дека повеќе од половина од водата што се зафаќа од изворите и влегува во системите или се губи низ цевките или се користи нелегално и не се наплатува. Погледнато по региони, Југоисточниот регион со 48,74 проценти има најмала просечна загуба, додека Југозападниот регион со 75,17 проценти има најголема загуба. Ваквата состојба е резултат на застарената водоводна мрежа, но многу повеќе на лошото управување и малите инвестиции во подобрување на водната инфраструктура, како и употребата на јавно-комуналните претпријатија за политички вработувања кои непотребно и неосновано ги зголемуваат оперативните трошоци на ЈКП.

Што треба да направиме?

Новата директива сигурно ќе предизвика соодветни промени во законската регулатива, а ЕУ преговорите, се надеваме, ќе наметнат и промени во сегашната пракса на управување со јавно-комуналните претпријатија. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), со проект на ЕУ, во 2017 година го изработи Специфичниот план за Директивата за вода за пиење (сега веќе старата директива). Планот покажа дека во Северна Македонија се потребни инвестиции од 522 милиони евра за да може да се исполнат барањата на директивата до 2041 година. Овие трошоци секако ќе нараснат со новата директива поради што инвестициите од државниот и локалниот буџет мора да се зголемат за оваа намена.

Околу 20 проценти од населението се снабдува со вода преку локални системи или има свои индивидуални бунари, чиј квалитет повеќе од една третина не ги задоволува параметри за безбедноста на водата. Овие системи, и покрај законската обврска, остануваат надвор од редовна контрола и треба веднаш да бидат преземени од страна на јавно-комуналните претпријатија.

Воведувањето на задолжителната процена на водоводната мрежа и изворите е неопходно, заедно со утврдување на праг на максимална загуба на водата. Треба да се идентификуваат сите населени места каде нема пристап до вода за пиење и да се направат акциони планови за нивна реализација.

МЖСПП, како носител на националната политика за води, не смее да дозволи зафаќање на нови извори ако општините имаат големи загуби на води во нивните водоснабдителни системи. Ова ќе значи не само заштита на водите, туку и на интересите на граѓаните, затоа што секоја загуба на води значи поголема цена за потрошувачите.

Во наредниот период треба да се стави акцентот на подигнување на ефикасноста на јавно-комуналните претпријатија заради подобрување на услугата и исполнувањето на барањата на ЕУ. Врската помеѓу Регулаторната комисија, МЖСПП и општините треба да зајакне, за да се овозможи зголемување на професионалноста на ЈКП и да им се даде поддршка во тој процес.

Притисната од климатските промени, водата драматично ќе недостасува и затоа е неопходно да ја заштитиме и заштедиме. Во спротивно, сè повеќе ќе се соочуваме со суша, загадени води, болести, сиромаштија и миграција на населението заради подобар пристап до вода. Корисниците мора да бидат свесни, проактивни и преку своето однесување да покажат дека се грижат за водата.

*Јадранка Иванова речиси 20 години работеше во Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија. Таа беше одговорна за изработка на законодавството во областа на животната средина и негово усогласување со она на ЕУ. Воедно, како раководителка на Секторот за ЕУ беше одговорна за евроинтегративните процеси за Поглавјето 27 и ја раководеше соодветната работна група. Од ноември 2013 година па сè до нејзиното заминување, раководеше со ИПА фондовите на ЕУ за животна средина како ИПА координатор и постар службеник за програмирање. Од јули 2018 година, работи во Тирана, Албанија, како раководителка на програмата финансирана од Владата на Кралството Шведска „Поддршка на Албанија за пристапните преговори во областа на животната средина – Поглавје 27 (SANE27)“, во која корисник е Министерството за туризам и животна средина на Албанија. Како стипендистка на програмата „Чивнинг“ на Владата на Велика Британија има завршено магистерски студии за наука за животната средина и менаџмент на Универзитетот Брунел во Лондон, а има завршено и магистерски студии за јавна политика и менаџмент на Универзитетот Питсбург во САД.

**Овој увид во јавните политики е изготвен од Институтот за европска политика (ЕПИ) во рамки на кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Оригиналната објава може да ја најдете на следниов ЛИНК.