[Став] Уништувањето на НУБ е културоцид

Ана Јакимска

Есен е, рани 2010-ти, предавањата на катедрата за општа и компаративна книжевност завршуваат доцна. Над Скопје ноќта веќе спушта густа магла. Преку булеварот е националната универзитетска библиотека, местото што ги има сите книги што сакаме да ги прочитаме, иако знаеме дека никогаш нема да успееме. Брзаме по скалите кон големата читална и се надеваме дека ќе најдеме слободно место.

Внатре, меѓу отворените книги на секоја маса, просторијата изгледа како локомотива што со полна сила се движи напред и го влече цел град со себе. Пред да затвори библиотеката во 19 часот, си ги собирам книгите во ранец и излегувам на улица. Во воздухот има нешто свечено, го гледам градот околу мене и знам дека има луѓе што ќе направат нешто од оваа држава.

Десет години подоцна, НУБ изгледа како да преживеала војна. На влезот ме пречекуваат три кофи наместени на средина на ходникот да ја собираат дождовницата од кровот што прокиснува од јунските дождови. Една од вработените ме забележува дека се загледувам во кофите и ги поместува зад скалите. Откако излезе веста за состојбата на НУБ во медиуми, вработените се плашат од ненајавени инспекции. Се качувам на спратот со читалните. Во ходникот има извадено маси и столчиња. Неколку изморени лица на студенти ги креваат главите од скриптите и кратко ме погледнуваат. Во ходникот нема услови за употреба на лаптоп, па запишуваат нешто во тетратки.

Големата читална е затворена со масивна дрвена закачалка што треба да означува дека просторијата не е во употреба. Низ закачалката може да се види дека подот е сосема оштетен и влажен, целиот инвентар е уништен, а кровот почнал да се руши. Влегувам во малата читална десно од скалите. Изгледа скоро исто како и големата, но барем покривот не протекува сè уште. На столбовите внатре има залепено испечатени листови хартија на кои пишува „разместувањето на инвентарот е најстрого забрането“. Прескокнувам еден голем продолжен кабел фрлен на средина на просторијата и одам кон масата покрај прозорецот.

Во рамката на прозорецот има заглавено столче за да стои отворен, не можам да проценам дали поради ковид протоколи или поради мирисот на прашина и влага што ја јаде библиотеката одвнатре. Седнувам и почнувам да се спремам за работа. Студентката на другата страна на читалната, единствениот друг човек присутен во просторијата, ме предупредува да не ги користам штекерите зашто често се случувал краток спој. Очајните услови секогаш раѓаат солидарност. Седам на местото што го избрав како најсочувано и сфаќам дека НУБ веќе не постои.

НУБ е големата архива на целата македонска писменост и пишаната култура на оваа територија. Нејзината вредност е бесценета. Книжниот фонд што го чува НУБ вклучува сè што е издадено по Втората светска војна, но и вредни оригинални ракописи уште од периодот на Средниот Век пред отоманската окупација. Уништувањето на НУБ е директно уништување на континуитетот на македонската култура и таков варварски чин би бил неочекуван дури и во воена состојба, а не во состојба на незагрозен мир.

Не многу одамна, во опсадата на Сараево, националната универзитетска библиотека на БиХ, без да биде воена цел, беше скоро целосно уништена од српската војска. Уништувањето на библиотеката на почетокот на босанската војна беше симбол за главниот мотив на непријателот – бришењето на културниот идентитет на целата држава. За да се опише оваа трагедија, во меѓународното право беше измислен нов збор: културоцид. Точно тоа ни се случува пред очи со сегашното некомпетентно раководство на НУБ и со неодговорното однесување на Министерството за култура.

Од 2010 до 2021 Македонија помина низ многу бурни периоди, но не помина низ војна и не помина низ природна катастрофа. Скопје немаше голем земјотрес, ниту поплава, ниту пожар. Тогаш, како ја изгубивме библиотеката? Сегашниот директор на НУБ Фримзим Даути во кратките изјави до медиумите испраќа смирувачки тонови дека вредните архиви се чувале од влага со доволна количина на кофи. Кофите ги оправдува со немање доволно средства за реконструкција на покривот, зашто аплицирал за поддршка на погрешна државна адреса.

Ако директорот се чувствува немоќен да направи нешто, нема причина да остане на функцијата што му е доверена. Речиси месец дена по првото објавување на фотографии и видеа од состојбата на НУБ во медиумите, ништо не е сменето. За уништувањето на библиотеката во Сараево српскиот генерал Ратко Младиќ беше осуден за воено злосторство. Во нашиот случај, се плашам дека одговорноста ќе биде колективна, зашто сите ја заборавивме темата за неколку дена.

Мојот глас како граѓанка на овој град и оваа држава нема да биде тивок пред ова злодело. Тие долги попладниња во НУБ ме научија мене и целата моја генерација дека идеализмот не е залуден. Нема да се откажеме од НУБ и да го оставиме во прашината на дилетантизмот на власта.

Ана Јакимска, филмска режисерка