Никој не вели дека ќе бевме целосно имуни на оваа глобална криза, но некои од мерките можеа да помогнат во ублажувањето.
Меѓународниот монетарен фонд неодамна ја објави својата прогноза за глобалната економија заедно и проекциите за секоја земја. Најважната порака од овој извештај е дека „Најлошото допрва доаѓа, а за голем број луѓе 2023-та ќе биде година на рецесија“. Оваа реченица го потенцира фактот дека кризата се заострува, особено за ранливите групи.
За граѓаните на Албанија, она што го вели ММФ не значи дека по автоматизам ќе треба да се случи и промена. Владата се погрижи да го замрзне оптимизмот во врска со следната година, а она што се чини дека е поголем предизвик е зимата што претстои. Министерката за инфраструктура и енергетика и вицепремиерка Белинда Балуку, на состанокот со деловните комори, изјави дека 2023 година се очекува да биде полоша од 2022 година и дека Владата треба да биде внимателна со трошоците, со што јасно им стави до знаење на граѓаните дека не треба да имаат големи очекувања од своите лидери.
Повеќето од случувањата кои можат да се забележат деновиве не се добри. Инфлацијата, енергетската криза, спонтаните мерки и популистичките изјави на власта се сигнал за сиви денови кои ќе претстојат за повеќето семејства во Албанија.
Повисоките цени ги принудуваат потрошувачите да го променат своето однесување
Во месец септември, инфлацијата изнесуваше 8,1 отсто, што е највисоко ниво во последниве 24 години (од декември 1998 година). На годишниот пораст на цените овој месец главно влијаеше категоријата „Храна и безалкохолни пијалаци“ со +4,91%, а по неа следи категоријата „Транспорт“ со +0,99%.
Ваквото зголемување на цените се случува веќе некое време и сето тоа доведува до негативни влијанија. Oднесувањето на потрошувачите се промени, а прехранбената индустрија и малопродажниот сектор се првите кои ги почувствуваа овие промени. Компаниите тврдат дека намалувањето на потрошувачката достигна и до 40% во споредба со претходни години. Оттаму информираат дека, поради високите цени и неможноста да си дозволат високи трошоци, семејствата се префрлиле на поевтини производи во секојдневниот режим на исхрана – леб и пилешко месо, а намалена е употребата на месо, колбаси, масло и млечни производи.
Особено кога станува збор за фабриките кои произведуваат млечни производи, се констатира повеќе од двојно зголемување на цените во оваа година, а како причина за тоа главно се наведува поскапувањето на енергијата, нафтата и млекото што тие ги набавуваат од фармерите. Фармите за производство на млеко бележат намалувања од година во година, што е вистинска закана за дејноста и за потрошувачите кои сега ќе мораат да преминуваат на увозна стока, дури и кај млечните производи. Ова е нешто што не е невообичаено за граѓаните на Албанија бидејќи увозот генерално е мошне голем.
Зголемувањето на цената на месото е исто така дел од верижниот ефект предизвикан од помалиот број фарми и повисоките трошоци за сува материја која се користи во земјоделството.
Енергетската криза ќе се влошува
Албанската електроенергетска корпорација (KESH) годинава потроши повеќе од 300 милиони евра за увоз на енергија поради ниското производство и високите цени на електричната енергија на берзата (Албанија ја има како референца енергетската берза на Унгарија). Компаниите кои се снабдуваат со 35 kv купуваат енергија на нерегулираниот пазар уште од 2018 година, додека оние кои се снабдуваат со 20, 10 и 6 kv и кои требаше да бидат на слободниот пазар на почетокот на оваа година, сè уште зависат од цените кои се регулирани од јавните претпријатија но сега со тарифи кои се поголеми во однос на оние од порано.
Пред неколку месеци, владата даде некои одлуки за промена на начинот на наплата на енергијата, со што јасно стави до знаење дека ќе има ограничувања во вид на загарантирана поевтина цена – сè што е над таа цена ќе се плаќа според пазарните цени (во некои денови пазарните цени достигнаа абнормални нивоа како 130 lekw/kwh =1,2 евро/kwh). Прво се зборуваше дека оваа граница е 700 kwh. Сега е 800 kwh и истата беше одобрена да спати на сила од октомври. Поради некоја причина, откако донесе одлука дека секој kwh над 800 kwh ќе се плаќа во износ од 42 албански леки (36 центи/kwh), Владата се предомисли.
Новата наплата нема да се применува за месец октомври, но останува непроменета за ноември и декември. Цената за потрошувачка под 800 kwh е 9,5 lek/w, што е речиси 4,4 пати поевтино од новата цена.
Новата скапа сметка за енергија дојде и со „насоки“ дадени од власта кои беа исмејувани на социјалните мрежи. Станува збор за совети за тоа на која температура да се перат алиштата, која домашна опрема троши најмногу енергија, да се гасат светлата кога излегуваме од дома. Последно, но не и најмалку важно, секоја јавна институција ќе треба да назначи едно лице кое ќе биде одговорно за следење на потрошувачката на енергија, за светлата и воопшто за ефикасноста. Институциите мора да трошат помалку од 15% енергија од претходно, или ќе се соочат со парични казни.
Иронијата во сите овие мерки среде енергетска криза е во фактот што Албанија имаше можност да го диверзифицира производството на енергија години пред тоа, наместо сега да дава лекции за заштеда на енергија кои ионака секој веќе ги применува во својот дом (не секогаш доброволно). До сега имаме стратегии, планови и проекти само на хартија.
Никој не вели дека ќе бевме целосно имуни на оваа глобална криза, но некои од мерките можеа да послужат како ублажување.
Повеќе од 95 отсто од производството на енергија се заснова на хидро извори, што го отежнува производството на енергија во случај да нема дожд. Албанија го одобри Законот за обновливи извори во 2017 година, но тој не донесе некоја голема разлика. Бизнисмените укажаа на некои проблеми кои го ограничуваат вистинскиот ефект што може да го има овој закон. Сега, владата одлучи да го смени законот во обид да се направи покорисен за оние потрошувачи кои имаат право да инсталираат капацитет од 500 kwp.
Наплата на стотици милиони
Откако заврши едно нормално лето во кое владата беше претворена во група на блогери кои го промовираа туризмот, во месец септември беше претставен вториот пакет со кризни мерки за помош. Вкупниот ефект на мерките за годинава, како стимул за потрошувачката, изнесува 6,1 милијарди леки (52 милиони евра). Ако ги споредиме придобивките што владата ги имаше од даноците кои потекнуваат од генералното зголемување на цените, распределбата која има за цел да ги сведе на минимум ефектите од кризата е прилично скромна. Официјалните податоци покажуваат дека вкупниот буџетски приход за јануари-август 2022 година бил околу 376 милијарди леки или 100,4% од 8-месечниот план. Споредено со периодот пред една година, зголемувањето е 51,6 милијарди леки (430 милиони евра) или поголемо за 15,9%.
Но, кои се категориите кои ќе имаат корист од вториот пакет? Владата одлучи да ги индексира платите и пензиите, и тоа ќе изнесува 6 проценти. Исто така има и зголемување на платите во јавниот сектор за 7 отсто, и тоа за категориите како што се полицијата и персоналот во затворите. Повторно беше зголемена и минималната плата, која сега достигна 34.000 леки (293 евра). Земјоделците ќе бидат поддржани со фонд наменет за нафтата што ја користи земјоделскиот сектор и со уште некои мерки за зголемување на производството на пченица.
Освен преземените мерки, од кои некои и понатаму ќе имаат ефекти и по оваа година, економистите се на став дека вториот пакет мерки за помош не е доволен. Одредени ранливи категории, како што се пензионерите, е можно да се соочат со сурова зима бидејќи трошоците за живот се мошне скапи.
Зима на неизвесност… со тенденција кон полошо
Предупредувањето може јасно да се забележи. Ни претстои многу тешка зима а следнава година ќе биде уште поголем предизвик во споредба со 2022 година. Проблемот е во тоа што денес никој со сигурност не може да каже кон колку полошо можат да се движат работите и какво ќе биде реалното влијание врз граѓаните. Во моментов можеме само да претпоставуваме колку лошо ќе биде.
Сепак, една работа е сигурна – како што циклусот на кризата станува сè потежок, способноста на владата да се справи со неа е ограничена. Одлуките би можеле да бидат многу тешки и доста болни, а со цел работите да се одржуваат на вистинскиот пат.
Деструктивните последици кои започнаа со пандемијата, проследено со кризата на суровините, енергетиката и руско-украинската војна, јасно ѝ ставија до знаење на секоја земја дека конформизмот веќе не е луксуз што можеме да си го дозволиме. Од тие причини, потребни ни се одговорни влади кои носат тешки одлуки во добри денови, но размислуваат и за лошите работи.
На овој начин, кога тие ќе се соочат со ситуации како што е денешнава, тие ќе можат да понудат достоинствена грижа за своите граѓани, а не импровизирани „финти“ кои се спроведуваат во последен момент и кои ги оставаат граѓаните да мислат како ќе преживеат следниот ден, недела, месец и во текот на зимата што претстои.
Нертила Махо
*Нертила Махо скоро 14 години работи како новинар во Албанија, покривајќи економски прашања. Во последните 4 години таа работи за Монитор, единствениот економски магазин во Албанија. Нејзините претходни искуства вклучуваат 8 години во Панорама, најголемиот весник во земјата и две години во телевизија. Таа е дипломиран новинар и магистер по маркетинг на Економскиот факултет на Универзитетот во Тирана. Активно пишува написи за различни сектори како што се туризам, енергетика, пазар на осигурување, економија итн.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.