[Став] Сара Ковачовска: Нели ве загрижува што третина од населението во која е сместена целата надеж, не гледа светло во животот?

Шестмина средношколци од различни градови, на Светскиот ден на децата одржаа говори пред дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Радио МОФ во продолжение го објавува обраќањето на Сара Ковачовска од гимназијата „Ацо Русковски“ во Берово.

Денес, сите ние сме тука со заедничка цел – подобрување на образованието во секој негов сегмент, а еден од најзначајните на кој јас ќе се фокусирам, е менталното здравје на учениците.

Аристотел уште во четвртиот век пред новата ера човекот го објаснил како политичко, а со тоа и општествено животно. Секоја индивидуа со нејзиното дејствување придонесува кон подобрување на општеството или пак задржување на статус кво. Сепак, во нашата природа е да тежнееме кон намалување на ентропијата во системот, но понекогаш, потиснати од внатрешните немири не сме во можност да бидеме од корист на себе, луѓето што не’ опкружуваат и во крајна цел, општеството.

Како граѓани на држава која тежнее кон интеграции во Унијата и стекнување европски вредности, ние младите веруваме дека е од круцијално значење да се подигне нивото на свест за важноста на менталното здравје кое за жал во Република Северна Македонија е се’ уште табу тема, а во западните држави негата на истото одамна е дел од културата.

Загрижувачки се резултатите од неодамнешните истражувања на Коалиција Маргини, кои алудираат кон тоа дека секое трето момче и секое второ девојче на 15 годишна возраст се соочува со психосоматски тегоби како резултат на некои нарушувања на менталното здравје. Надоврзувајќи се на овој податок, 12% од девојчињата и 7% од момчињата на истата возраст имаат суицидни мисли. Секако, кон зголемување на претходноспоменатите броеви се надополнува и фактот што 12,8% од младите биле насилници врз нивните соученици, според Младински образовен форум. За тоа на колку ниско ниво е свеста на ниво на државата во однос на психичкото здравје, зборува и фактот што после Турција, нашата држава е држава со најмал процент психотерапевти по број на жители. Ако се земе во предвид фактот дека пред пандемијата, нашата држава била лидер во употребата на антидепресиви и апчиња за смирување, тогашниот процент веројатно од денешна призма би бил дури и утописка замисла.  Да се запрашаме што значат овие податоци и броеви. Нели ве загрижува фактот што една третина од структурата на население во која е сместена целата надеж за прогрес на ова парче земја, не гледа светло во сопствениот живот и се бори со внатрешни демони?

Повеќе од половина од менталните растројства кај младите излегуваат на површина пред дваесет и петтата година од животот, па затоа е од суштинско значење да се обезбеди соодветна поддршка и грижа во доволно рана фаза. Затоа, средното образование како задолжително определено со законска рамка, мора да се осигура дека на општеството му дава здрави и функционални личности.

Свесни за алармантноста на ситуацијата, јас и мојот тим дојдовме до идејни решенија за тоа како би можел образовниот систем да му помогне на секој еден кој минува низ тој процес и полесно да се пронајде себеси во животни периоди кога кризата на идентитетот е неизбежна.

Сакаме да живееме во држава во која различностите ќе бидат гледани како мост помеѓу нас обичните луѓе со секој со своја необична приказна. Сакаме да живееме во систем во кој кон менталните нарушувања нема да се гледа со презир, туку ќе се пристапува со емпатија. Сакаме низ образовниот процес секој ученик да го добие потребното внимание, а силеџиството да се санкционира најстрого, без исклучоци.

Бараме  разговор со училишниот психолог да биде вклучен во систематскиот преглед. Со овој чин, само уште еднаш ќе се потврди дека менталното здравје е исто важно колку и физичкото, а кај учениците со ментални заболувања ќе овозможи рана детекција и полесна како и посигурна терапија.

Бараме линеарно зголемување на бројот на психолози според бројот на ученици во воспитно-образовните установи. Имено, не можеме да очекуваме ист исход од еден психолог кој ќе работи со 2000 ученици, секој со своја приказна и болка, споредено со неговиот колега кој ќе работи со 2, 3 или повеќе пати помалку млади лица.

Училишните психолози кои се соочија со здравствената криза против која се бори целиот свет, сега се потребни повеќе од кога било. Поради наведената причина, наш предлог е училишните психолози да им бидат достапни на учениците за онлајн разговори.

Апелираме разврска на постоечките случаи како Јавна соба, за кој одговорност се’ уште нема. Со попустливата политика и толеранцијата кон силеџиството од овој или било кој вид, само се поттикнува насилството, а секој од нас губи доверба во институциите и нивната посветеност кон професионалните задачи, со што се обесхрабруваат идните жртви да го пријават насилството.

За крај, ја поздравуваме иницијативата за отварање линија за разговор со психолог и даваме предлог истата да биде промовирана особено помеѓу младите и учениците.

За да имаме функционално општество со непрекинат и разнолик развој, потребно е да се гради врз логично и креативно тло. Тлото преку игра на зборови ги претставува различните луѓе кои го градат општеството и кога секој од нас би се пронашол себеси и би се градел во засебен карактер, би можеле да се потпираме еден врз друг со цел здрава целина. Сепак, колку и да се постигне совршенство во еден сегмент во општеството, со запоставување на психолошкиот развој на единката, трпи целото тоа општество поради нарушување на рамнотежата помеѓу системите. Со цел постигнување на целта-здрави млади кои ќе му бидат од корист на општеството во кое живееме, Ве охрабруваме сите Вас да бидете присутни за вашите родители, деца, роднини, пријатели, соученици па и непознатиот човек на улица, а институциите ги повикуваме да останат доследни на нивните професии со што ќе се изречат санкции за секој насилник.