Средношколците кон надлежните: Ќе продолжиме да ги игнорираме проблемите, или заедно ќе ги решаваме?

Шестмина средношколци од различни градови денеска им одржаа говори на дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Како дел од одбележувањето на Светскиот ден на детето, тие се осврнаа на разноврсни теми – од квалитетот на онлајн наставата, па до унапредување на менталното здравје и енергетската ефикасност на училиштата.

„Во моментов додека јас зборувам со вас овде, мои соученици се приморани да бидат исклучени од моменталниот образовен процес и да ја следат наставата преку своите телевизори. За нив, уставно загарантираното право на образование им е прекршено и тоа едноставно поради фактот дека тие немаат финансиски средства да си дозволат технолошки помагала кои ќе им помогнат во онлајн наставата“, истакна средношколецот Кудрет Феризи од „Исмет Јашари“ во Липково.

Според него, финансиката сотојба не треба и не смее да биде предуслов за еднакво достапно образование.

„Моите врсници од руралните средини немаат стабилен интернет, имаат проблеми со пристапот и до постојана електрична енергија, што дополнително го отежнува пристапот до настава, за разлика од учениците од урбаните средини“, дополни тој.

Достапната платформа за онлајн настава ја оцени како неуспешна, со како што вели „алатки кои носат големи предизвици за учениците и наставниците“.

„Фактот што не можеме да ја следиме наставата преку платформата, присуството на голем број техники проблеми како губење на домашните задачи, оневозможен пристап до тест и паѓање на целата платформа, укажува на тоа дека државата мора да овозможи функционална платформа“, истакна Феризи.

Ова, како што спомена, води кон губење на интересот за учење кај учениците и нивно поттикнување да мамат на тестови.

„Ќе се соочиме со млади со високи оценки, но малку знаење. Млади кои знаат да препишат, но не знаат да научат“, рече тој.

Средношколецот Феризи побара да се изнајдат нови начини на оценување и поинакви задачи, а во исто време да се мотивираат и наставнците, бидејќи според него, дел од наставниот кадар не го прифаќа новиот начин на работа.

Сличен говор имаше и неговиот соученик Кристијан Поповски од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, кој забележа дека образованието е процес кој треба да ги подготвува и обликува за понатамошниот живот, но недостатоците полека им ја всадуваат идејата за миграција во друга држава.

„Квалитетната настава пртставува предуслов на едно развиено општество, но таа како да изостанува поради недостатокот на современи методологии и средства за нејзина реализација“, напомена тој.

„За жал во нашата држава иако е 21 век, се уште во дел од училиштата ги немаме основните услови за спроведување на наставата, како што се греењето, училниците, технолошките помагала, тоалетите и друго“, додаде Поповски.

Покрај ова, тој реагираше и на начинот на предавање. Според него, дел од наставниците ги базираат своите предавања на традиционални методи кои не се соодветни за денешната младина.

„Тоа не значи дека не се стручни во сопствената област, туку им е потребна поголема професионална надоградба“, појасни тој.

За ова, како што рече Поповски, е потребна поголема поддршка за наставниците од институциите.

„Можеме да избереме да продолжиме со темпото на статус кво и да ги игнорираме евидентните проблеми кои бараат промена. Или можеме сите заедно да работиме на подобрување на столбот на нашето општество“, нагласи Поповски.

Додека во Европа, менталното здравје станува дел од културата, во Северна Македонија и понатаму е табу тема. Нејзе ја начна средношколката Сара Ковачовска од гимназијата „Ацо Русковски“ во Берово.

„Нели ве загрижува фактот што една третина од структурата на населението во кое е сместена целата надеж за прогрес на ова парче земја не ја наоѓа причината за постоење?“, ги праша надлежните.

Таа го спомена проблемот со малиот број на психотерапевти и побара да се обезбеди соодветна поддршка и грижа во доволно рана фаза за учениците.

„Сакаме да живееме во држава во која различностите ќе бидат гледани како мост помеѓу нас, обичните луѓе, секој со своја необична приказна. Сакаме да живееме во систем во кој кон менталните нарушувања ќе се пристапува со емпатија, а нема да бидат гледани со презир. Сакаме образовниот процес да му овозможи на секој ученик да го добие потребното внимание, а силеџиството ќе биде најстрого казнето без исклучоци. Бараме системски прегледи секоја година преку разговор со психолог во училиштата“, истакна Ковачовска.

Покрај ова, побара и разврска на случаи како „Јавна соба“ кога без дозвола беа споделувани интимни фотографии и од малолетници. Таа потсети дека за овој случај се уште никој не понел одговорност.

На владиниот состанок, младите се осврнаа и на начинот на учење. Според Ерона Азизи од приватната гимназија „Јахја Кемал“, важно е да се развива критичко размислување, а не напамет учење.

„Колку и да сметаме дека е модернизиран образовниот систем, сепак релацијата меѓу наставници и ученици останува како од времето на нашите родители. Тие бараат добри оценки за тоа што го предаваат, а ние сакаме петки ама со учење на памет, па дури и со некоја интервенција“, истакна таа.

Според неа, учениците се зафатени со учење факти напамет, отколку да се развива слобода на мислење и изразување. На овој начин, смета таа, ученици не можат да го применат знаењето во практични ситуации и повеќе подлежат на манипулација.

„Крајно време е да се обновиме бидејќи доколку денеска направиме тестирање по било кој предмет без никаква најава на целата територија на нашата држава ќе видиме дека непотребните факти што ни биле презентирани, што ни одземале многу време, од нив не сме научиле баш ништо“, посочи Азизи.

Поради ова, таа бара учење преку анализи и истражување од страна на учениците, тимска работа на конкретни задачи. Во целост, повеќе застапеност на практична настава, како и  ревизија на наставен материјал, креативни начини на визуелно и практично претставување на наставниот материјал, воведување на предмети како медиумска писменост, екологија и етика.

На тема екологија, пак, се осврна средношколецот Васил Ханџиски, од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

„Не знам како е кај вас почитувани, но јас утрово кога се разбудив, низ мојот прозорец не можев да видам ништо. Не се гледаше ни напуштената фабрика којашто се наоѓа одма спроти мојата зграда, дури ни загадениот Вардар не се гледаше“, рече тој започнувајќи го својот говор.

Тој стравува дека и со завршувањето на пандемијата, граѓаните ќе мора да носат маски поради загадувањето на воздухот.

„Нашите училишта со нивната ниска енергетска ефиасност и со тоа што се греат на нафта, јаглен или мазут, придонесуваат за загадувањето како и за климатските промени. Нивните градби се со слаба изолација, а некои се уште имаат дрвени прозорци. Замислете во 21 век, некои од нашите училишта немаат ПВЦ прозори. Ваквата ситуација придонесува тие на годишно ниво да емитираат големи количества на јаглероден диоксид“, истакна Ханџиски.

Како пример ја посочи битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“ која за една година емитирала 153 тони јаглероден диоксид, а за да се неутрализира ова, потребни се 2530 годишни дрвја.

Ханџиски и неговите соученици бараат целосна реконструкција на училиштата во енергетско ефикасни градби кои ќе користат обновлив извор на енергија како сонцето. Потоа, поголема застапеност на еколошкото образование и климатски промени.

„Како очекуваме да се подобри состојбата со загадувањето кога нашите млади не се свесни што се случува?“, праша тој.

Затоа, бара воведување на екологијата и климатските промени низ лекциите на веќе постоечките предмети, но и посебен редовен предмет на кој ќе се изучуваат овие теми.

„Кога професорот би предавал за математички операции, би можел да го претстави преку пресметување на јаглероден отпечаток“, предложи Ханџиски.

За инклузијата, пак, зборуваше Христина Јовчевска која напонема дека не може да постои инклузивно образзование без првично да има емпатија меѓу самите ученици кон лицата со атипичен развој, но и да има услуги за нив надвор од училиште.

„Ако тргнеме од фактот дека живееме во општество како нашето, каде лицата со Даунов синдром се уште се избегнувани бидејќи се страшни, а децата со оштетен вид се за сожалување, не можеме ниту пак да тврдиме, ниту да говориме дека имаме инклузивно образование“, рече таа.

„Знаеме дека законот е тука, го има на лист хартија, но се запрашуваме колку тој навистина е спроведен“, додаде Јовчевска.

Таа побара од Владата цврст и јасен став дека задолжителното образование мора да обезбеди еднаков пристап до правото за образование за сите. Покрај ова, побара обуки и едукација на наставниот кадар.

На овој состанок со младите, кој се органзира по втор пат од УНИЦЕФ во соработка со Младинскиот образовен форум, свое обраќање имаа и премиерот Зоран Заев, министерките Мила Царовска и Јагода Шахпаска, министерот Насер Нуредини, како и евроамбасадорот Дејвид Гир и Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

Според премиерот Заев, Северна македонија со прифаќање на Конвенцијата за заштита на правата на децата се обврзала да почитува недискриминација, да се придржува до најдобрите интересите на децата, да им обезбеди право на учество, како и право на опстанок, живот и развој. Пандемијата на Ковид 19, пак, им покажала колку е важно образоцниот систем да се менува, приспособува и осовременува.

„Кога ја утврдувавме Програмата за работа на Владата и кога ги креиравме принципите врз кои ќе се развива Стратегијата за образование на ова време, се зарековме дека ќе развиваме квалитетно образование достапно за сите. Наша цврста намера е да дефинираме образовен систем кој ќе создава личности кои ќе размислуваат критички и ќе донесуваат заклучоци на база на факти докази и анализи. Сакаме образование кое ќе изгради личности коои ќе ги негуваат и почитуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите. И ќе се воспитуваат во духот на мултикултурализмот“, рече премиерот Заев.

Според Патриција ди Џовани од УНИЦЕФ, пандемијата ги изложи длабоките нееднаквости во општествата кои претходно беа прикриени.

„Старото нормално не беше доволно добро и ова време на пандемија ни даде можност да промислиме како после пандемијата да се вратиме на  нашите животи, но во едно многу подобро нормално, како да се вратиме во една подобра верзија на општеството, во еден подобар систем каде се намалени сиромаштијата и нееднаквоста“, рече таа.

Но, претставничката на УНИЦЕФ е свесна дека уште пред Ковид-19, македонското образование беше во криза. Потсети дека според ПИСА тестирањето, повеќе од половина од децата на 15 годишна возраст не ги исполнуваат основните нивоа на компетентност за читање и математики вештини.

Слушајќи ги критиките на младите, одговори следуваа и од надлежните министерства.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска интензивно се работи со наставниците и директорите на училиштата.

„Дали можеме итно да обезбедиме технологија и технолошки развој на училиштата? Не сметам дека можеме да си поставиме такви цели, бидејќи сепак живееме во држава во развој. И ако не ги водиме реформите чекор по чекор, и ако не создаваме услови за одржливост на секоја ново воведена алатка и само купуваме компјутери, само обезбедуваме некои современи ИТ алатки, тогаш нема да сигнеме до целта, верувајте“, нагласи таа.

Царовска забележа дека за да се видат реални промени, потребно е да помине еден, па и два мандати, како и инвестирањето во образованието да не зависи од политичка волја. Таа повика на колективен напор од сите.

Нејзината колешка од Министерството за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека предучилшна возраст е клучна за почнување на промените.

„Во собраниска процедура како МТСП го испративме Законот за заштита од родово насилство, но и семејното насилство, затоа што и децата може да бидат сведоци или жртви на разни облици на семејно насилство“, соопшти таа.

Покрај ова, ја спомена и деинституционализацијата со која ниедно дете под 18 години не е во институција, туку во семејства и мали групни домови.

„Прифатите ги овие деца, не само во училишна средина, канете ги и на вашите роденденски забави“, им порача таа на младинските претставници.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, пак, посочи дека се во тесна соработка со МОН.

„Чистиот воздух не е политичко прашање, треба да најдеме заедничко решение. Лесно е да се каже ајде да го исчистиме воздухот. Воздухот е валкан… Но, јас како Насер, како граѓанин, го загадувам воздухот со секој чекор што го преземам, придонесувам во загадувањето“, одговори тој на критиките за загадувањето.

За енергетската ефикасност на образовните објекти, рече дека поради ковид ситуацијата, средствата биле пренасочени.

Посочи дека имале листа со објекти кои треба да станат енергетски ефикасни, но истакна дека централната власт не можела да постигне се сама, освен ако локалната не помогне.

„Законите да не фаќаат прашина, туку да се применат“, рече Нуредини.

По повод Светскиот ден на дететот, синоќа и вечерва неколку објекти и обележја во Скопје се осветлени во сина боја како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата.

Емилија Петреска