[Став] Крај на една ера! Дали социјалните медиуми умираат?

Последните неколку месеци од 2022 година беа полни со лоши вести за социјалните мрежи. Преземањето на Твитер од страна на Илон Маск стана сапуница од посебен вид во која тешко е да се предвиди во која насока ќе се движат работите, впрочем како и во сите сапуници, со таа разлика што овде не е извесно дали сѐ ќе заврши со хепиенд, објави Комуникации.нет.

Набргу по формалното преземање на Твитер, Маск спроведе низа мерки за „кратење на трошоците“, коишто од многумина беа дочекани на нож и ги поларизираа не само вработените, туку и корисниците и јавноста. Отпуштања на вработени, наплата на услуги кои беа бесплатни, ценкање за цената на овие услуги, сѐ до препукувања со партиските кандидати на американските избори за Сенат и Конгрес во ноември 2022. Маск како резултат на овие караници ги повика своите подржувачи да гласаат за републиканците. Сето ова го правеше во свој стил, бескомпромисен и дрзок, што ескалираше дури до тоа неговата мајка јавно да побара „да не бидеме токлу злобни кон нејзиниот син“. На ова се надоврзаа и лошите вести за отпуштања на илјадници вработени од компанијата Мета и Амазон, како и драстичниот пад на нивната вредност на берзите.

Берзанските игри им се удрија од глава на овие компании. По рекордниот пандемиски период, предвидувањата беа дека растот, или барем нивото на користење на истите, ќе продолжи. Тоа не се случи и сето тоа резултираше со половично остварување на очекуваните (нереални) резултати, и автоматски пад на „надуваната” вредност на компаниите на берзите.

Кога нештата ќе се погледнат од малку поширока перспектива сѐ наликува дека го следиме крајот на една, условно, златна ера за социјалните мрежи, која траеше некаде од 2006/07 до 2021/22 година, додека големиот подем и експанзија на овие компании полека замира.

Онлајн индустријата имаше тешка година, а компаниите за социјални медиуми беа особено погодени. Акциите на Мета (претходно Фејсбук) опаднaа за повеќе од 60%. Вредноста на Снеп, сопственикот на Snapchat, падна за повеќе од 80%. Отпуштањата на вработените станаа секојдневие, а некои компании започнаа значително да ги намалуваат трошоците за вработените (New York Times, A social media status update).

Сега е речиси извесно дека социјалните медиуми запловија во далеку побурни води од она на што беа навикнати досега.

Кој високо лета

Социјалните мрежи навистина направија револуција во тоа како комуницираме, како оформуваме врски со другите, како ги бараме и ги следиме информациите кои нѐ интересираат. Тие длабински ги изменија и економијата, редица индустрии, влијаат суштински на тоа што гледаме, што купуваме, како дознаваме за производите и за услугите, а длабински ја изменија и културата генерално. Проблеми во функционирањето на социјалните мрежи се јавуваа континуирано, но експанзијата на социјалните мрежи долго време не попушташе. Посериозните удари за нив започнаа некаде по 2016 година и скандалите околу Кембриџ аналитика и злоупотребата со податоците на корисниците. Социјалните мрежи станаа важни играчи во борбата не само за купувачи, туку и за гласачи, па така набргу се најдоа на удар и на различни политички поединци и групи. Загриженоста за приватноста на корисниците, напливот на дезинформации на социјалните мрежи, казните од Европската комисија и неколку други држави за повреди на различни права на корисниците, дополнително влијаеше за влошување на состојбите.

За причините

Ако сумарно се гледаат причините кои доведоа до овие превирања, може да се наведе долга листа на поголеми и помали фактори, но работите можат да се сведат на неколку клучни причини кои сериозно го сменија текот на настаните:

1) Поткопување на бизнис моделот

Моделот на собирање на податоци за корисниците и нивно користење за персонализирано рекламирање беше загрозен по 2016 г. и претседателските избори во САД, до тој степен што значително зачестија барањата за регулација на социјалните мрежи и одредени сфери на интернетот. Дополнително, промените на Епл во оперативниот систем, iOS14, од 2022 година значително им го отежнаа собирањето на податоци на онлајн компаниите за навиките на нивните корисници, што резултираше во пад на приходите од рекламирање. Првите потези на Маск за финансиско спасување на Твитер индицираат дека онлајн индустријата се придвижува кон модели на претплата, засега фокусирани на одредени премиум услуги, за одредени категории корисници, и така натаму.

2) Демографски промени

Речиси две децении во дигиталната сфера се долг период. Смената на генерации имаше изразено влијание преку потребата на помладите корисници да се издвојат од другите (постари) кориснички групи. Со сериозните глобални поместувања на центрите на моќ, доаѓаат и промени и во овој сектор. Дојде моментот кога американските компании нема да го имаат главниот збор, нема да можат толку мирно да спијат на својата големина и слава, а ТикТок го потврдува ова. Колку и да се обидуваат да го ископираат, секогаш се чекор назад. Помладите корисници на социјалните мрежи сѐ повеќе се делат на два табора, или си конзумент или правиш многу квалитетна содржина. Партиципативноста не е толку важна, дружењето е, ама и не е толку важно. Фокусот е на забава и на задоволување на некои други потреби, не (само) социјализација. Младите, веројатно спротивно од нашите очекувања, повторно се придвижени од реален општествен агажман, претпочитаат вистински активизам, вистински промени, компании кои се општествено одговорни и имаат некоја општествена цел. По сѐ изгледа за нив не е важна лажната општествена активност на социјалните медиуми со кликање лајкови и потпишување петиции, кои патем нѐ доведоа во позициите кои сме сега.

3) Варијации во концептот

Првите социјални мрежи во својот фокус го имаа поврзувањето на корисниците, од што секако најголема полза имаше Фејзбук кој успеа да изгради корисничка база од над 2 милијарди. Впрочем мотото на Фејзбук за „поврзан и отворен нов свет“ доволно ја отсликуваше оваа развојна филозофија. По 2010 година фокусот полека се префрлаше на креирање содржини, што доживеа кулминација со подемот на Тикток каде веќе поврзувањето стана секундарно, или терцијарно дури, а најважна беше содржината, т.е. како брзо и лесно да дојдеме до неа. Нивниот фамозен алгоритам успеа да нѐ наведе да мислиме дека собира толку многу анонимни сигнали од нашето користење на мобилните уреди што е доволно да ни сервира содржина која ќе нѐ врзе со саати за екраните. Мета со своите обиди да ги преземе или ископира останатите популарни стартапи не успеа да изгради супер-апликација која би доминирала со сите аспекти на онлајн услугите, како што тоа го прави WeChat во Кина, на пример.

Можеби тој модел не е модел за другиот дел од дветот, можеби ни треба време за да стигнеме до тој стадиум, како и да е, Мета и Твитер јасно ја губат битката и веројатно нема ни да имаат можност да бидат компетитивни во таа борба.

Она на што Мета ги вложи сите свои облози е виртуелната реалност (VR), т.е. метаверзумот. Но, се чини дека токму тој облог и придонесе дополнително да им падне вредноста. Како никој повеќе да не верува дека Мета е способна за развој на тој кибер-свет, повеќе се гледа надеж во виртуелните светови на игрите, па дури и во новиот, сè уште невиден уред на Епл за AR (Augmented Reality).

Пишуваат Сеад Џигал и Дарко Булдиоски за Комуникации.нет