[Став] Каков пример им даваат младите на идните генерации?

До каде со ова однесување, со оваа разгаленост, безгрижа и ноншалантност? До каде со ваков третман на ‘’канцерот” на општеството кој се прошири акутно, до неизлечливост? пишува ученичката Даница Среткоска од СОМУ „Гостивар” во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Живееме во општество во кое младите си земаат премногу слобода, дали од родителите или таков стана системот, не знам. Дојдовме во положба каде еден родител се плаши да го пушти своето дете по улица, нагризан од помислата, во каква состојба ќе се врати детето и дали воопшто ќе се врати дома.

Растеме во заедница каде се чувствува “мирис” на завист, потреба за истакнување и издигнување помеѓу младите. Каде згрешивме?

Се натпреваруваат кој повеќе ќе испие по дискотеките, се групираат во групи каде едните се „елита”, другите се деца на видни, имотни луѓе, а третите „обични смртници”. Ако некој има постара верзија на телефон, нема брендирана облека, ако има поголема телесна тежина, од околината е третиран како да има „хендикеп“. Тој „хендикеп“ кој му го наметнува „светот” на младите, е пречка за менталниот развој на поединецот. Детето развива комплекси дека не е доволно добро и прераснува во личност која е несигурна во себе, што резултира со несакани последици врз личноста.

Да не зборувам за однесувањето на децата во училиштата, особено во средните. Покрај избегнувањето меѓу соучениците, присутна е непочитта кон професорите што е резултат на недоволно воспитување, отсуство на срам и култура…

…И покрај тоа што знаеме дека годините не се мерило за умот и однесувањето, сепак сметаме дека над 18 години, личноста е веќе спремна да се грижи самата за себе, па и за околината.

Сведоци сме на безброј настани (за некои се дискутира јавно, некои се премолчуваат) за кои слушаме дека „Малолетник со својот автомобил излетал од патот при што му се констатирани сериозни последици”, „24-годишник под дејство на наркотици и алкохол бил причина за смрт на уште две лица” и така натаму до недоглед…

…До каде со ова однесување, со оваа разгаленост, безгрижа и ноншалантност? До каде со ваков третман на ‘’канцерот” на општеството кој се прошири акутно, до неизлечливост?

Прашувам за да им кажам на идните генерации, бидејќи ако не го смениме начинот на кој живеат младите, да не брзаат со своето растење, бидејќи светот на младите не е нималку безбеден.

Бидејќи општеството не е само заедница во која живееме, општеството е почеток на сите морални и човечки идеали и вредности кои треба да се негуваат, а не да се отстапуваат и заборават со тек на време.