[Став] „Фемили Аеродром“: Да кажеме СТОП на уништувањето на Аеродром

Навивачката група на МЗТ, „Фемили Аеродром“ преку својот блог побара да се стопира уништувањето на Аеродром. Ваквата реакција доаѓа откако во јавноста беше претставен новиот ДУП на општината што наиде на бројни негативни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

Ставот на Фемили Аеродром го пренесуваме во целост, преземен од блогот familyaerodrom.com.

„По повод скорешните случувања во врска со донесувањето на ДУП-от и новопланираната изградба на повеќе станбени згради и паркинзи наместо сегашните паркови, зеленила и игралишта, ние како – Family Aerodrom – не само како навивачка група која низ минатите 20тина години стои зад симболот на целата населба, КК МЗТ Скопје, туку истовремено и како двигател на многу општествени, културни и спортски случувања во Аеродром, чувствуваме потреба да го кажеме своето мислење за целата ситуација. Иако многумина во случајов би рекле дека ова не е проблематика со која би требале да се занимаваме сепак сржта на проблемот е многу подлабоко и треба суштински да се навлезе во решавањето на истиот. Накратко и ќе образложиме.

Пред 3-4 години беше донесена одлука т.н. “детска улица” која се протега во Ново Лисиче, да продолжи и низ срцето на Аеродром пресекувајќи бројни игралишта и зелена површина. Дел од членовите на групата, неврзано за нивното членство во истата, ги повика одговорните од Општината на разговор на лице место и со факти, аргументирано, и секако со молба тоа да не се реализира беше успешно спречено нагрдувањето на тој дел од Аеродром.

Пред две години кога се дозна дека салата Јане Сандански од сопственост на МЗТ Скопје преоѓа во сопственост на РК Вардар, повторно, овој пат како навивачка група, излеговме на мирен протест за да го изразиме нашето незадоволство. За жал, иако поддржани од многумина сограѓани по социјалните мрежи, нашата бројка и целокупната организација беше слаба. Резултатот беше неуспех, но сепак мислењето беше кажано и сe уште си стоиме на тоа.
Ова лето, со мала увертира од предминатата есен, се уништија најголемите графити на Family Aerodrom кои беа насликани на основните училишта. Без претходна најава, со блиц-криг ваљак и канта поликолор, беа уништени графити за кои наши деца давале пари од свој џеб за да се исфинансираат, ги работеле со денови и недели само за цел општината и населбата да добијат уште попрепознатлив изглед и шмек. Со еден збор: жално.

Во меѓувреме во населбата Аеродром се случуваат тектонски пореметувања. Имаме исфорсирано градење на три (3!) стокатници под неразјаснети услови за живот и општествена социјализација, имаме задушување со згради во Стар Аеродром со планирана изградба на 50-60 станбени згради кои се практички еден нов град во целата населба, имаме ултра-гига-мега шопинг центар на најфреквентниот дел од населбата, но сепак дел околу кој живеат наши комшии кои секојдневно мака мачат со паркинг места заради тоа што во истиот трговски центар паркинг просторот е премал да ги прими сите заинтересирани страни. Населбата во само 30тина месеци го има изменето не само својот лик, туку и своите навики и однесување. Со еден збор: трагедија.

Полека доаѓаме до сржта на проблемот.

Денес имаме случај за најавена изградба на неколку повеќекатници на потегот од кејот на Вардар во реонот Острово, а исто така и уништување на единствената зелена површина во радиус од пар километри на потегот помеѓу Мајчин Дом и Три бисери. Просторот зад здравствената установа е пренаменет во простор за паркинг, наместо досегашното паркче. Голем број на наши сограѓани деновиве пишуваа претставки до месната заедница Острово, со право бунејќи се за уште едно видоизменување на дел од населбата. Последните зелени површини се претвораат во паркинзи и станбени објекти, како да нема веќе доволен број на исти во целата населба. Повторно, во случај како и со нашата проблематика околу односот со управата на МЗТ Скопје – читај градоначалникот, се работи за своеглави одлуки со кои задоволни ќе бидат само бизнис партнерите. Ќе трпиме ние, обичните граѓани кои секојдневно гледаме како Аеродром се претвора во нешто што не сакаме да биде.

Повторно проблемот е кај оние кои не сакаат да ги слушнат размислувањата на другите, не допуштаат да има дебата, не оставаат простор за договор туку по пат на тивка тиранија ги донесуваат овие срамни одлуки. Сме се огласиле за се што сметаме дека е наша одговорност, за се што сметаме дека е од интерес на целата населба Аеродром. Како општествено одговорни индивидуи доволно сме разумни, свесни и при чиста совест да можеме„ Бидејќи, иако поголемиот дел од групата е од помладата популација, знаеме да размислиме со своја глава дека за брзо време нашите деца ќе треба да ги раснеме наместо на игралиште на паркинг, нашите деца ќе се задушуваат од се поголемото загадување во воздухот.

Текстот и одлуката да се напише истиот во ова деликатно време за нашата група е знак дека иако не сме активни на трибината сепак сме тука подготвени да застанеме во одбрана на нормалното живеење во населбата. Не сме политички определени, ниту пак некогаш сме биле иако многу пати сме биле етикетирани и од едната и од другата страна. Немаме лично ништо против никого, против ниеден функционер ниту активисти, единствено сакаме да дадеме поддршка иако истата во многу наврати не сме ја добиле. А сме ја заслужиле, и тоа сега многумина го согледуваат.

Аеродром постоел далеку пред доаѓањето на оваа гарнитура. Аеродром и понатаму ќе постои и ќе биде најубавата општина во цело Скопје. Но тоа нема да биде така заради новата сала, комплексот згради, Капитол, неколкуте цркви или пак фонтани. Ќе биде така затоа што во неа живеат луѓе кои 100% ја сакаат и нема да дозволат некој од неа да прави Дизниленд.

Повик до сите оние кои се сметаат за дел од групата да поднесат претставки во МК Острово (Скопјанка) секој ден од 09.30 до 17.30, до 29ти овој месец. На тој начин се придонесува ако ништо друго да се изрази мислењето, да се каже ставот на кој сите ние стоиме. Се е подобро отколку да се молчи, макар исходот на крај бил неуспешен.“