Урбана акција: Пакман го брани јавниот интерес во Аеродром

Во скопската населба Аеродром, во денешната урбана акција беше поставена голема фигура на Пакман, ликот од познатата компјутерска игра.

„Граѓаните на скопската населба Аеродром конечно можат да бидат спокојни! Кога нема кој друг, тука е Пакман да го одбрани јавниот интерес и да ги заштити граѓаните од донесување на спорните ДУП-ови!

Некои постари аеродромци не убедуваа дека ова не е прво појавување на Пакман во нивната населба и дека во близина на култното место наречено Милкина куќа се појавил кога е градено маалото 13 Ноември кај Три Бисери и успеал да изгрицка неколку згради во ДУП-от и така да обезбеди поголеми зелени површини за децата и пензионерите! “, појаснуваат креаторите на урбаната акцијата.

Поставувањето на Пакман на јавните површини во Аеродром доаѓа по новиот предлог за ДУП-от, со кој на местото на сегашното зеленило и покрај Вардар е предвидена изградна на десетици нови згради.

Изминатите пет години во оваа општина беа изградени стотина згради, а нејзините жители се сериозно загрижени за квалитетот на животот во населбите Аеродром и Ново Лисиче.