[Став] Ерјона Азизи: Учењето со меморизирање факти прави учениците да не размислуваат критички и да се безусловно послушни на авторитети

Шестмина средношколци од различни градови, на Светскиот ден на децата одржаа говори пред дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Радио МОФ во продолжение го објавува обраќањето на средношколката Ерјона Азизи.

Во нашата држава колку и да сметаме дека е модернизиран образовниот систем, сепак релацијата меѓу професорот и ученикот останува како во времето на нашите родители. Професорите од една страна пасивни предавачи, а ние учениците пак од друга страна, пасивни слушатели. Тие бараат добри оценки за тоа што го предаваат, ние сакаме петки само со меморизирање, односно учење на памет, па дури и со некоја интервенција.

Учениците во предметите кои се општествени науки, се оптоваруваат со податоци, факти, статиститики, кои се непотребни.

Учениците повеќе учат и памтат факти отколку да се подготвуваат за критичко и аналитичко размислување, да се развива слободарскиот дух, што значи дека учениците треба да ја разиваат слободата на мислење и на изразување! Со еден збор, последиците од учењето преку меморизирање на факти несомнено можат да ја зголемат бројката на учениците кои не размислуваат критички, ученици кои се безусловно послушни на авторитет, ученици кои не можат да го применат знаењето во практични ситуации, ученици кои немаат практични вештини!

Недостасува интеракција со учениците (професорите само си предаваат)

Наставниците треба да ги потикнуваат учениците сами да размислуваат за општествените појави и за општествените проблеми и нивните погледи да ги изразуваат јавно. Наставниците треба да ги потикнат учениците да ги научаат вештините на јавно комуницирање, на јавно говорење и на јавен настап. Учениците нe треба да бидат пасивни на часовите, туку активни и придонесувачи, треба да дебатираат меѓу себе, да не se согласуваат, но кога не се согласуваат да понудат аргументи за нивните тврдења и констатации. Целта е да се учат вештини преку анализи и учество за решавање на проблеми. Наставниците треба да употребуваат пристап на заедничко доаѓање до знаење, заснован на истражување од страна на учениците. Треба да се развива учењето преку тимска работа во мали групи и во поголеми групи, со поделба на конкретни задачи (како во истражувачките проекти). Секој ученик да си има своја улога во тимската работа.

Според стариот систем Наставниците имаат слобода како ќе го креираат часот а таа слобода треба да ја искористат со цел да ги насочуваат и советуваат учениците, а не само да предаваат. Учениците треба повеќе да се обучуваат за практична настава. Фактите, историски и актуелни, кои се глобални треба да ги ставаат во контекст на нашата земја, нашиот развој, економија, нашата култура, менталитет, начин на живот, традиција, фолклор, јазик, културно наследство итн. Наставниците треба да потикнуваат неограничен пристап до знаење и информации (содржини) преку Интернет.

Досега просторот во кој се учи и предава е главно училницата. Треба да се учи преку анализа на мултимедиjа и соработка, употребувајќи технолошки алатки (компјутери, лаптопи, ипад, мобилни телефони), паметни табли итн. Иако многу е тешко, преку виртуелната училница да се реализира објективно оценување. Треба да се учи од повеќе извори, преку технологија, но и од учебници и дополнителна литература.

Според стариот/ традиционален систем само наставниците ја вреднуваат и оценуваат работата на учениците. Учениците треба да учат како да создаваат критериуми да ја вреднуваат сопствената работа. Значи треба да создаваат критериуми на самоевалуација, но и на вреднување или евалуација на наставниците. Овие проблеми ги засегаат учениците, професорите, економијата, но и иднината на младите луѓе.

Како можат да се решат овие проблеми?

Секако доколку имаме воља, решенија ќе најдеме. Еве неколку:
• Oбуки и доквалификации за професори
• Поотворен однос на профеорите и училишната администрација кон сугестии и препораки од учениците
• Ревизија на наставен материјал
• За да се изразат луѓето користат молив/ пенкало или пак зборови, во новото врема треба да се воведат креативни начини на визуелно и практично претставување на наставниот материјал.
• Воведување на нови предмети: медиумска писменост, екологија и етика.
• Медиумска писменост подразбира критичко проценување, употреба и толкување на медиумите и разни медиумски текстови

Кој треба да ги реши овие проблеми?

Се разбира, за секој проблем постои и решение, а за тоа не се потребни премногу ресурси, туку само добра волја и отвореност кон слушање на туѓото мислење. Подобрувањето на начинот на учење во ниту еден случај не може да се постигне само преку една институција или пак личност, ниту пак за еден ден, туку треба да биде колективен напор од сите страни, вклучително и учениците и професорите, Министерство за обрзование, Бирото за развој на образованието, директори на училиштата, педагошки факултети, експерти за образование.

Доколку за се и сешто велиме дека времињата се смениле, мора да се сменат многу нешта и во оваа насока. Несомнено крајно време е да се реновираме, оти доколку денеска направиме тестирање без никаква најава низ целата територија на нашата држава за било кој предмет, ќе видиме дека непотребните факти што ни биле презентирани ни одземале многу време, но од нив не сме научиле баш ништо.

Ерјона Азизи