[Став] И без Југохром, Тетово ќе остане „отровен“ град

Тетово е меѓу најзагадените градови во светот! – одекнуваат веќе некое време новинарските наслови кои, за волја на вистината, не се толку претерани. Концентрацијата на озлогласените честички ПМ10 во воздухот редовно надминува дози и десетпати поголеми од дозволените. Кога сме на прагот на зимата, а над градот ќе се спушти тешката полошка магла, загаденоста е речиси опиплива. Токму тогаш, поголем број тетовчани се „освестуваат“ за овој феномен и реагираат, иако мерењата покажуваат дека воздухот во Тетово е загаден постојано, односно дека нивоата на ПМ10 се преголеми низ целата година. Но, кога се работи за една ваква тема, која допира во здравјето на сите жители од регионот, граѓанскиот револт е очекуван и добредојден дури и кога е задоцнет, а јавно го демонстрира само минорен дел од засегнатите граѓани.

На протестот закажан за утре, граѓанската иницијатива „Стоп за канцерогеното загадување на Тетово“, составена претежно од млади активисти, меѓу другото ќе се побуни и против одлуката на Владата повторно да и дозволи на фабриката Југохром од Јегуновце да продолжи со работа без да ги спроведе потребните еколошки стандарди.Кога ќе се решиме на протести, една од првите работи кои е логично да ги одредиме е: каде ќе го насочиме протестот? Кому ќе ги упатиме нашите барања? Кој е најодговорен за состојбата? Ако правилно ги насочиме граѓанскиот гнев и решеноста за промени, тоа може да биде многу важен дел од евентуалната победа во ваквите борби. Токму Југохром беше најистакнатиот „виновник“ за катастрофалното загадување на минатогодишните зимски протести против загадениот воздух во Тетово, кои ги организираше истата граѓанска иницијатива. За овие протести, директен повод беа резултатите од мерењата на концентрацијата на ПМ10. Тогаш и првпат се слушнаа и барања фабриката целосно да се затвори.

zagadenost-tetovo-5

 

Во годините пред ова, за главен загадувач на воздухот во Тетово се сметаше огромната дива депонија, на која финансиски „заглавеното“ општинско Јавно комунално претпријатие (ЈКП) го носеше ѓубрето од целиот град. Иако општината тоа никогаш нема да го признае, јавна тајна е дека за да заштеди, претпријатието постојано го палеше сметот, кој така има помал обем, па оваа постапка овозможува постојано да се таложи ново и ново ѓубре на депонијата, за која општината го користеше еуфемизмот „претоварна станица“. Откако даде илјада ветувања, а не оствари ниту едно, општината мораше да се соочи со граѓанското незадоволство, кое во тие денови завршуваше во најголем дел пред нејзиниот праг. Ова навидум вроди со плод, но тетовчани набрзо сфатија дека станува збор за уште една манипулација. Депонијата, која пред година и пол zagadenost-tetovo-3со голема помпа ја прогласија за „исчистена“, всушност е само преместена – и тоа во непосредна близина на најголемиот производител на леб и жито во регионот – фабриката „Жито Полог“. Ѓубрето деновиве (а и цело време, според сведоштвата), се пали, а тетовчани дишат материи кои се многу поопасни и поканцерогени од прашината во вид на ПМ10. Никој не ја мери концентрацијата на отровен чад од пластика и органски испарувања. На интернет не може да се прочита колкави се нивоата на диоксини и фурани (меѓу најтоксичните хемикалии познати на човекот) кои се ослободуваат кога горат тони пластика пред носот на тетовчани.

Ова, да повториме, се случува цело време. Но, лани, одеднаш, лутината на граѓаните се насочи кон Југохром. Без во јавноста да биде посочена каква било анализа, научно истражување или барем сува статистика, виновникот за загадувањето со ПМ10 честички беше пронајден. По повеќе од 60 години, колку што работи фабриката оддалечена над 10 километри од градот, тетовчани се свестија дека таа ги труе со прашина. И денеска, Југохром е во центарот на вниманието. Никој не се запраша дали загадувањето се намалило во месеците и годините во кои фабриката не работеше (во повеќе наврати во последните 20 години). Никој не покажа анализа за тоа колку производството на феросилициум влијае врз специфичното загадување со честичките ПМ10. Не видовме никаков доказ, а пресудата беше донесена и напишана на транспарентите:  Југохром да се затвори!  Но, насочувањето на речиси ексклузивната вина за загадувањето врз фабриката имаше една многу видлива последица: проблемот со депонијата и одговорноста на општината и градоначалничката Теута Арифи, но и на поранешниот прв човек на локалната власт Сади Беџети, почна ретко кој да ги спомнува. Притисокот и негативното внимание се префрли врз Владата, а како клучен чекор кон спасот од загадувањето се наметна затворањето на Југохром.

Оваа фабрика има застарени системи за филтрација на постројките и со сигурност претставува еколошки jugohromпроблем. Југохром е загадувач, тоа не е спорно – а во загадувањето сиве овие години сесрдно му помагаат властите, со своето флексибилно спроведување на законите. Филтрите, за чие отсуство централната власт одамна требаше да го „стисне“ Југохром, сега се повторно актуелни. Но, немаме ниту еден кредибилен доказ дека за енормното загадување со ПМ10 честички (кое е најистакнат мотив за протестите) е најмногу виновен Југохром.

Од друга страна, премногу лесно и брзо забораваме дека Тетово во изминатите дваесетина години континуирано се претвора во еден огромен, грд градежен полигон, во кој зеленилото систематски, со поддршка (или барем замижување) на локалните власти, се заменува со армиран бетон. Отровната депонија, правот од стотиците неуморни градилишта, катастрофално неуредениот сообраќај, исчезнувањето на зелените површини, сиромаштијата која принудува се повеќе граѓани да се греат на дрва – сето ова се очигледно важни фактори за тетовското загадување. Сега, овие чинители (а кај некои од нив општината е многу надлежна и одговорна) се длабоко во втор план, затоа што е најден „згоден“ главен виновник: Југохром. Со неговото затворање, како со некоја магија, ќе се прочисти тетовскиот воздух – во еден глас повторуваат и новинарите и активистите и општинските челници.

zagadenost-tetovo-4Кога сме кај медиумите, тие (и локалните и националните) не се потрудија на граѓаните да им ги посочат сите факти, да им објаснат што вистински ги труе и со тоа да им помогнат во насочувањето на револтот кон вистинската цел. Во нивните извештаи постојано се консултира еден единствен лекар-експерт за хигиена и јавно здравје. Општината најчесто се спомнува процедурално, но врз неа многу ретко паѓа товарот на критиката и одговорноста. Општинските главешини во пренесените изјави искажуваат пресметани жалопојки за„врзаните раце“, лоцирајќи го виновникот кај сите други, но не и кај себе.

Како роден тетовчанец, се приклучувам кон протестите за поквалитетна животна средина и барам од надлежните да направат се што е во нивна моќ за во градот да се дише почист воздух. Но, не можам да се оттргнам од проценката дека Тетово ќе продолжи да биде „отровен“ град, дури и ако Југохром утре престане да работи. Всушност, воздухот во градот тешко да се прочисти се додека тетовчани бираат локални власти како сегашните, на кои изгледа дека поважни им се илјада други работи, пред здравјето и животот на сопствените деца и на децата на нивните граѓани-гласачи.

Жарко Настоски