
Ристо Савески
Поминаа три месеци од одлуката на новата американска администрација за замрзнување на активностите поврзани со американската странска помош. Одлука која имаше ефективност во истиот момент без можност за прилагодување и амортизација. Во меѓувреме многу работи се искристализираа, многу проекти се прекинаа, многу организации (мали и големи) се затворија. Но еве неколку работи кои ги научивме од ситуацијата.
Граѓанското општество е далеку од безбедно
Додека некои тврдеа и тврдат дека ова е само уште една криза што ќе ја преживееме, од внатре изгледа поинаку. Ова не е само финансиски удар – ова претставува системски шок што ја менува самата ДНК на граѓанскиот сектор. Три месеци подоцна, може да се заклучи дека граѓанските организации, не се безбедни од ситуацијата.
Наглиот прекин на средства, предизвика и стрмен наплив на организации во потрага по проекти за поддршка на институционалните капацитети. Ситуацијата според одредени фондации, за најмалку 40% ја зголеми конкурентноста на повиците за фондови и проекти, што го обесправува пристапот на голем број мали и локални организации.
Дополнителен предизвик на проектите е барањето на донаторите за кофинансирање. На пример, за проект од 100.000 евра, ако кофинансирањето е 10%, организацијата треба да обезбеди 10.000 евра од други извори. Овој механизам има своја логика – кофинансирањето е воведено за да се поттикне одговорност, одржливост и да се намали ризикот од манипулации, што е важно и оправдано. Но, во сегашната финансиска криза, кога речиси сите извори се пресушени, ова барање станува речиси невозможна мисија, особено за малите и локални организации. Наместо да биде поттик за стабилност, кофинансирањето денес за многумина е дополнителна бариера за опстанок.
Последиците беа најдраматични за малите организации, и за многу од нив, ситуацијата значеше само „клуч на врата“. Големите организации, со седишта во Скопје, на локално ниво низ Македонија, функционираа со помошта, експертизата и познанствата на локалните организации. За локалните организации, од друга страна пак, овој вид на соработка значеше гаранција и припадност кон некоја поголема мрежа и проектно работење. Но, по јануари, малите организации, останаа без директни проекти и останаа без поддршката што големите, „национални“ организации, им ја пружаа. Голем дел од нив, човек-организации, мораа да тргнат кон најнепосакуваниот исход – затворање на организациите, поради далеку помалиот опсег на можност за финансирање на локално ниво.
Колку сме биле зависни од доларот?
Прекинот на средствата покажа колку организациите биле зависни од американско финансирање. Од една страна како партнер и како донатори, до сега биле најсигурните соработници, кои нуделе огромна поддршка за теми кои се насочени кон демократизација, владеење на правото, млади, критичко размислување и мал милион други аспекти. Соработката со Американската амбасада и Агенцијата за развој на САД (УСАИД) нудеше огромна флексибилност, поради тенденцијата на САД да бидат лидери во поддршката на одредени полиња.
Се разбира, цената и условот за промовирањето и поддржувањето на сите овие теми, е нивната поврзаност со она што самите го сметаа за нивен приоритет. „Калето“ освен за политичко-правни прашања, и за граѓанскиот сектор важеше за центар на моќ и фактор, кој од оправдани причини, можеше да ги диктира правилата на игра.
Европа потфрли. Повторно.
Во овие три месеци, голем дел од граѓанските организации беа избркани од својата комфорт зона и се најдоа во ситуација да бараат алтернативен извор на финансии со капацитет и влијание слични на оние на „Чичко Сем“. Најлогичниот избор за многумина беше Европската Унија, со надеж дека ќе може да го пополни вакуумот што го остави американската помош. Но, она што голем дел од организациите го добија како одговор, е молк. Делегацијата на Европската Унија во Скопје, не покажа капацитет дури за најосновен разговор и основна анализа на импактот од одлуката. Подлабоко, Унијата покажа дека нема план да се пополни јазот на повлечените средствата од УСАИД.
Освен Делегацијата, која покажа целосна игнорантност кон пропаста на голем дел на граѓански организации – нивни соработници, примерот го следеа и голем дел од земјите членки на Европската Унија, кои учествуваат со финансиска помош преку значително поскромни програми за развој, пандани на УСАИД. Разбирливо дека резултат на ваквиот однос, се изолационистичките политики на владите на поединечните земји членки, кои понатаму се прелеваат на генералната директива во Брисел. Политиките на Европските земји, се целосно насочени кон внатрешната безбедност на државите, а не кон развојни политики и ширење на своето влијание во другите, помалку развиени земји.
Дополнително, развојните програми на другите држави, во колкав капацитет и да функционираа во изминативе три месеци, целосно се насочија кон спасување и заштита на досегашните долгогодишни партнери на амбасадите и развојните агенции на европските земји. Кои се тие? Големи организации, фондации и подружници на агенции на Обединетите Нации. Накратко, организации кои се „преголеми за да пропаднат“. Граѓанските организации кои беа најпогодени од ситуацијата, како и малите, локални и нови граѓански организации, беа оставени на милоста на лутањето по средства, кои би можеле да ги „скрпат“, додека не најдат малку подолгорочни решенија.
Токму во овој контекст битно е да се напомене дека оваа позиција, ќе се надоврзе на евроскептичните наративи кои се таложат, како резултат на децениското „жонглирање“ на Македонија кон патот за европска интеграција.
Довербата и кредибилитетот се надвор од игра
Голем број на истражувања, традиционално покажуваа ниска доверба на јавноста и граѓаните кон невладините организации. Најнапред ова се должи поради тоа што луѓето што работеа/работат во граѓанскиот сектор, се гледаат со етикета на „странски платеници“ и „паразити“ кои имаат лукративни, мрачни и политички цели и намери на делување. Со сигурност и ова писание ќе биде перципирано како „апел за помош на човек кој работи во невладиниот сектор и кој останал без пари“. Но оваа перцепција е далеку од реалноста. Ова не е апел за мене, ниту за мојата организација – ова е сведоштво за тоа што значи кога цели заедници остануваат без поддршка, кога младите, маргинализираните, обесправените – оние што немаат друг глас – остануваат без сервис, без застапување, без шанса. Главно реакцијата на јавноста од објавувањето на одлуката на за замрзнување на средствата, беше проследена со македонскиот „сеир синдром“. И додека некои сеирџиски се радуваат на „пропаста“ на невладините, не сфаќаат дека со тоа се радуваат на сопствената изолација, на уште помалку можности за своите деца, на уште поголема тишина во општеството.
Не бегам од фактот, дека имаше и за жал сè уште има луѓе кои го користеа секторот за личен ќар, што работеа за бројки, а не за луѓе. Но, во таа „џунгла“ на нерегулирани односи, патат и организации кои нудат сервиси за граѓани кои припаѓаат на маргинализирани и обесправени групи. Организации и луѓе, кои работеа за нешто што не се мери во извештаи. Тргајќи од она што Младинскиот образовен форум, како организација во која имам почнато како средношколец и во која моментално работам, нудеше и нуди голем број на можности за развој и учење за млади луѓе. Особено, она што лично ми е при срце, МОФ овие можности ги нудеше и ги нуди за млади, кои нималку би ги имале, поради системската, инфраструктурна, па дури и финансиска дискриминација, во која се нашле како резултат на низа фактори. И МОФ, беше и е платформа која младите, средношколците, студентите, можат да ја искористат за да го искажат својот став. Преку нас да ги претстават своите барања до јавноста, медиумите, министерствата, владата, пратениците…
Другиот аспект на довербата, е незамисливата бројка на луѓе кои останаа без работа. Луѓе кои посветиле цели свои животи во работење кон некоја непрофитна, невидлива и некоја повисока цел. Овие луѓе, не произвеле „толкава бројка“ на производи, за да се мери нивниот импакт. И често импактот на проектите и работата на граѓанските организации, не дава мерливи резултати кои можат веднаш да се проверат.
Проценките за луѓе кои останале без работа се 176.818, заклучно со 1 мај 2025 година. Со зборови тоа се сто седумдесет и шест илјади, осумстотини и осумнаесет луѓе. И не. Овие бројки не се само за луѓе кои останале без работа во Соединетите Американски Држави. Оваа бројка се однесува на сите работни позиции поврзани со американски развојни програми ширум светот. И не. Овие бројки не се точни и се далеку и драстично поголеми, бидејќи не сметаат на голем број на локални организации кои работеле со и за Aмериканците. Исто така, овие бројки сè уште растат. Во Македонија, според неофицијални извори од Агенцијата за вработување, мерка за користење на надоместок поради отпуштање од деловни причини, побарале околу 400 луѓе. За да се создаде комплетна слика на досегот на ситуацијата, овие 400, се 400 семејства, кои останале без редовен месечен приход и останале без сигурност и стабилност во нивното секојдневие, преку ноќ. Зад секоја бројка стои име, приказна, семејство. Овие луѓе не се само статистика – тие се луѓе што ги познаваме, со кои сме работеле, кои ги граделе организации од нула.
Како понатаму?
Ситуацијата е многу поширока и обединува многу повеќе сфери. Со сите современи политички движења, сигурна и извесна е промена на центрите на моќ на глобално ниво. На Балканот, особено кај земјите-аспиранти кон Европската Унија, има незамислив вакуум на развојни програми и странска помош за граѓанскиот сектор, кој нема како да биде пополнет. Русија и Кина, како политички, идеолошки и економски ривали во глобалните превирања со САД, не инвестираат и не ја насочуваат нивната надворешна политика кон развојни програми, поради многу поинакви политичко-идеолошки принципи. Одговор на ситуацијата треба да пружи Европската Унија, кој иако задоцнет, може сè уште некако, да ја амортизира ситуацијата за значителен дел на граѓанскиот сектор.
Иако состојбата изгледа безизлезно, граѓанските организации не седат со скрстени раце. Постoјано аплицираат, пишуваат проекти, бараат нови извори на финансирање и се обидуваат да се прилагодат на новите услови. Конкуренцијата е огромна, шансите за успех се мали, а кофинансирањето е речиси невозможна мисија. Борбата за опстанок е секојдневна и исцрпувачка, далеку од пасивност или чекање помош.
Дури и ако средствата се одмрзнат во иднина (а нема), закрепнувањето нема да биде автоматско. Ќе бидат потребни време, ресурси и стратегија за повторно градење на изгубените капацитети и мрежи. Кога една организација се затвора, не исчезнува само нејзиното портфолио – се губи институционалната меморија, мрежите на доверба и способноста за брза реакција во криза.
Во меѓувреме, секторот се соочува со зголемена фрагментација, дуплирање на напори и намалена транспарентност. Наместо мрежа што заеднички се бори за промени, граѓанскиот сектор се распарчува на острови што се борат за преживување. Исто така оваа ситуација со сигурност, ги стави во ризик, дури и големите и стари организации.
Ова со сигурност е крајот на една фаза за граѓанскиот сектор, барем онаков каков што го познававме. Но, реалноста е дека работата не застанува – ниту за организациите, ниту за луѓето што ги поддржуваат. Ќе се менуваат приоритети, ќе се бараат нови извори, ќе се пробуваат нови модели. Некои организации ќе исчезнат, други ќе се адаптираат, трети ќе се појават одново. Она што останува е потребата – за застапување, за некој што ќе постави прашања и ќе бара одговори.
Ристо Савески
Претседател на Младински образовен форум
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторот и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ