Станови, автомобили и други награди им се нудат на Русите за да гласаат на избори

Дваесет станови, сто автомобили и десетици илјади во бонови, ова се само некои од наградите кои им се нудат на Русите оваа недела, а тие мора само да гласаат, пренесува „Н1“.

Откако годинава беше одбележана со историска репресија над опозицијата и намалување на анкетите на владејачката партија Единствена Русија, руските власти прават се што можат за да го зголемат интересот за парламентарните избори кои се одржуваат од петок до недела.

Па оттука, преку плакати ширум Москва се огласуваат „милион награди“ за гласачите кои ќе изберат да гласаат по електронски пат, и се чини дека владејачката партија повторно ќе го освои мнозинството, иако веќе не е толку популарна, наведуваат медиумите.

Со оглед на тоа што главниот непријател на Кремљ, Алексеј Навални е во затвор, а другите опозиционери се истуркани на маргините, критичарите сметаат дека изборите само ќе ја потврдат доминацијата на сојузниците на Путин.

На изборите се избираат 450 претставници за Долниот дом на Думата, каде Единствена Русија сега има 334 места.