„Станица пропаганда“ – изложба на Јонас Стал на 1 март

На 1 март во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се отвори изложбата насловена „Станица пропаганда“ на уметникот Јонас Стал. Кураторка на изложбата која ќе се отвори во 20 часот е Ивана Васева.

Станица пропаганда, како што се наведува е нова комплексна инсталација и програма во живо на холандскиот уметник Јонас Стал, која ја истражува врската на уметноста и културата со доминантните форми на современата пропаганда, како и алатките и можностите на формите на (контра)пропаганда кои произлегуваат од еманципаторските грасрут и ослободителни движења.

„Станица пропаганда има за цел да ги направи видливи различните современи пропаганди кои активно го обликуваат нашиот свет денес. Централната инсталација е дизајнирана како обратен паноптикон: наместо да го надгледува посетителот, му обезбедува на гледачот позиција на контранадзор над работата на пропагандистите кои влијаат на нашиот секојдневен живот. Терминот ‘станица’ во Станица пропаганда може да се сфати на повеќе начини. Изложбата функционира како место каде што се ‘стационираат’ различни модели на пропаганда како што се ултранационалистичка пропаганда, пропаганда на алт-десницата, либерална пропаганда, финансиска пропаганда, пропаганда на империјата, климатска пропаганда и геолошка пропаганда. Се заснова на повеќе од една деценија уметничко истражување спроведено од Стал за пропагандата и контрапропагандата“, се посочува во најавата за изложбата.

Ова е прво самостојно претставување на Стал во Северна Македонија, а го организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ во соработка со Музејот на современа уметност – Скопје во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции“.

Еден ден по отворањето на изложбата, на 2 март ќе се одржи и „школа за пропаганда“, која е во центарот на инсталацијата.

На школата, како што се наведува, различни уметници, академици, новинари, теоретичари, поборници и активисти одржуваат предавања, работилници и обуки од областа на анализа на пропагандата и (контра)пропагандното делување.

„Школата за пропаганда во Скопје насловена ‘Антиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Европска престолнина на културата 2028’ има намера да создаде привремена дискурзивна платформа која ќе ја деконструира комплексноста на антиквизациската пропаганда отсликана во проектот Скопје 2014. Преку излагања на повеќе теоретичари, активисти, уметници и новинари од Северна Македонија, оваа програма ќе понуди интервенционистички придонес во правните, медиумските, семиотичките, општествените и уметничките аспекти на проектот подигнат во „заробената држава“ и ќе се обиде да го промисли неговото идно ‘постоење’, соочувајќи се со подготовките и продукцијата на капиталниот проект Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, се посочува во Фејсбук настанот.